Се предлага карантин во Скопје, Штип, Куманово и Тетово од 21 часот во четврток до 5 часот во понеделник


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок донесе предлог да биде воведен полициски час во Скопје, Штип, Куманово со Липково и Тетово од утре во 21 часот до понеделник наутро во 05 часот.

Воведување полициски час од утре (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, во Општина Куманово, Општина Липково,Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Во сите останати градови полицискиот час да трае од утре (4 јуни) во 21 часот до задутре (5 јуни) до 5 часот наутро, додека во останатите денови да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро.

Предлогот на Комисијата ќе биде доставен до Владата и Кризниот штаб за утврдување на следните чекори на делување.

Предлог-мерките на Комисијата следат по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава.

На состанокот, кој го свика министерот за здравство Венко Филипче беа присутни членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални Центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи.

Дополнително на состанокот на претставниците на Министерството за внатрешни работи им беа укажани потешкотиите со кои се соочуваат екипите на терен во однос на пристап до луѓе за тестирање и прекршувања на мерката за самоизолација. Од службите на МВР беше побарана поголема ажурност, ефективно делување на терен, контрола и санкционирање на прекршувањата на мерките, стои во соопштението.