Се пребарува брана во Португалија, 16 години по исчезнувањето на Медлин Мекен


Се појави нова трага во случајот со исчезнувањето на Медлин Мекен, девојчето кое исчезна во одморалиштето Праја да Луз во 2007 година. Полицијата ќе ја пребарува браната Араде и блиската акумулација. Станува збор за брана која се наоѓа на 50 километри од местото каде исчезна девојчето.

Кристијан Брукнер (45) беше прогласен за официјално осомничен или „аргуидо“ од португалските обвинители во 2022 година. Претресот на браната го побарала германската полиција, која открила дека оваа област била посетена од Брукнер во моментот на исчезнувањето на девојчето.

Веста за потрагата во оваа област први ја објавија португалските медиуми, а германските власти официјално ништо не потврдија, но ставија до знаење дека медиумските написи се точни, пишува Би-би-си. Ханс Кристијан Волтерс, германскиот јавен обвинител во Брауншвајг, изјави за Би-Би-Си дека ќе и се обрати на јавноста во вторник наутро.

Брукнер, кој моментално е во германски затвор за силување жена во Португалија во 2005 година, никогаш не бил обвинет за исчезнувањето на Медлин и негираше каква било вмешаност. Но, германскиот јавен обвинител Волтерс го смета за главен осомничен. Тој живеел во близина на одморалиштето во моментот на исчезнувањето на девојчето. Во тој крај живеел од 2000 до 2017 година.

Полицијата го затвори просторот на вештачкото езеро
Португалската полиција во понеделникот попладне ја затвори областа на вештачкото езеро каде се наоѓа браната, што треба да се пребара. До местото каде што ќе се води истрагата во наредните денови се подигнати сини шатори.

Овој резервоар веќе беше делумно пребаран во 2008 година во случај на исчезнување на МекКан. Тогаш португалскиот адвокат Маркос Арагао Кореја побарал да ја провери областа каде пловеле бродовите откако наводно бил информиран дека телото на девојчето било фрлено таму.

Последната потрага во Португалија поврзана со исчезнувањето на Медлин беше во 2014 година, кога британската полиција доби дозвола да ја пребара грмушката во близина на местото каде што исчезна.

На почетокот на овој месец, родителите на Медлин, Кејт и Гери, бдееле по повод 16-годишнината од нејзиното исчезнување. Тие во мај го прославија и 20-от роденден на својата ќерка, ветувајќи дека „никогаш нема да се откажат“ да ја најдат својата ќерка.