Се празнува 8 Декември – Св. Климент Охридски
Во земјава денеска со низа настани се одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Пред споменикот на Св. Климент Охридски пред Националната универзитетска библиотека во Скопје, собраниска и владина делегација ќе положи цвеќе, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „Св. Климент Охридски“.
Во состав на владината делегација ќе бидат заменик министерот за правда Агим Нухиу, заменик министерот за финансии Филип Николоски и заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, а во состав на собраниската делегација потпретседателот Горан Мисовски, Даниела Марковска и Велика Стојкова-Серафимовска.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.
Во областа на воспитанието и образованието, годинава наградата ќе му биде доделена на универзитетскиот професор д-р Африм Османи, наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на писателот – академик Влада Урошевиќ и на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува на кардиохирургот професор д-р. Сашко Јовев.
Св. Климент Охридски е патрон и на Охрид каде празнувањата почнаа завчера. Чествувањата продолжуваат и денеска со поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник. Потоа предвидено е полагање цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“ и на монументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад, како и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.
Програмата ќе се заокружи со настап на Македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски на големата сцена во центарот за култура „Григор Прличев“.
Денешниот ден е прогласен за неработен ден во државата.