Се празни Инфективно, но се полни битолска Психијатрија
По пандемија очекувано се појавија анксиозни состојби, панични напади и слична патологија, како последица од целокупната ситуација, вели д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничката болница Битола
Анета Блажевска
БИТОЛА – Се празни Инфективното одделение, ама се полни одделението за Психијатрија во Битолската клиничка болница. Стресот од прележаната болест и пост ковид патологијата ги полнат одделенијата за Психијатрија, Неврологија и Интерното одделение, каде подеднакво страдаат и оние со прележан вирус и граѓани кои не се заразиле со Ковид-19.
„Не мируваат другите болести кои се јавија со ковид пандемијата со инфектолошка патологија. Подолг период имаме оптовареност на другите одделенија, Интерно, Невролошко, за жал и на Психијатрија. После оваа пандемија очекувано беше да се појават анксиозни состојби, панични напади и слична патологија, којашто се јавува како последица од целокупната ситуација, но и пост ковид состојби од аспект на психотични растројства и акутни дементни состојби“, потврдува д-р Билјана Гагачовска, специјалист психијатар, директор на Клиничката болница Битола.
Гагачовска вели дека сето ова е последица на непознатото од пандемијата, правилата што моравме да ги следиме, а не ни беа по волја, изолацијата, стравот од смртта и постојаната оптовареност од дневните црни статистики.
„Сето ова беше очекувано и допрва ќе се случува, од аспект на психолошки и психички растројства. Со ваква слика се среќаваат и граѓани кои го прележаа вирусот и оние кои немаа позитивен тест“, рече таа.
Деновиве нема хоспитализирани лежечки пациенти на Инфективното, има само двајца пациенти на дневна болница кои се стабилни во болеста. Но, затоа пак има оптоварување од пациенти кои се жалат на стомачен вирус.
„На Инфективното одделение во моментот имаме зголемен број пациенти од онаа патологија која е вообичаена за летниот период, односно, гастроентероколитите и недифинирани субфебрилни состојби кои се случуваа со години. Во моментов нема оптоварување во амбулантата за сомнителни и позитивни пациенти на вирусот“, вели Гагачовска.
ЈП „Водовод“ од Битола и Клиничката болница денеска потпишаа меморандум со кој „Водовод“ донира 400 илјади денари за реконструкција на еден пар машки и женски санитарни јазли во Инфективното одделение, кои треба да се стават во функција до септември, пред најавениот нов бран наесен.
„Сведоци сме на оние грди слики што излегоа по медиумите за состојбите со санитарните јазли во Инфективното одделение и како ‘Водовод’ даваме донација за комплетно реновирање на машки и женски тоалет. Ќе бидат реновирани пред есента. Оваа не е прва донација што ја дава ЈП ‘Водовод’ за Клиничката болница во Битола, лани имавме донација 1,2 милиони денари за поставување на комплетна водоводна инфраструктура за Модуларната болница, секундарна, примарна и терцијална мрежа“, рече Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“ .
Директорот Козаров како пациент во Ковид центарот во Битола ќе донира клима на Интерното одделение во Битола со помош на приватна фирма од градот, благодарен на грижата од страна на медицинскиот персонал.