Се прави детален протокол за изборната кампања и за денот на изборите, вели Спасовски

Фото: Б. Грданоски

Владата прави детален протокол како ќе се одвива кампањата на политичките партии на терен, но и како ќе спроведат изборите на денот на гласањето, најави денеска премиерот Оливер Спасовски, кој присустваше на увид на градежните работи во изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш.

-Главно во сите протоколи е дистанцата и носењето на заштитната опрема и тоа е многу важно ако сакаме да ја одржиме состојбата, ваква каква што ја имаме, да имаме тенденција на намалување на инфицираните и од тој аспект ќе биде подготвен детален протокол, како да се однесуваат политичките субјекти, во текот на изборната кампања и за самиот ден на изборите, вели Спасовски.

Премиерот Спасовски очекува партиите веќе наредната недела да го утврдат и датумот на предвремените парламентарни избори.

Прашан доколку продолжат во континетите исти бројки на заболени од коронавирус и во наредниот период, дали СДСМ ќе остане на истиот став за брзи избори, Сапсовски со одговор дека и како Влада и како партија имаат став дека приоритет им е здравјето на граѓаните, и како што рече така се однесувале во текот на минатите месеци и се преземени низа на мерки, со цел да има помал број на заразени граѓани.

-На основа на тие анализи, коишто ги правеа стручните луѓе, епидемиолозите ги носевме и сите одлуки. Така да ние на основа на епидемиолошката анализа, којашто е направена, врз основа на конкретни показатели, за тоа дека можно е да дојде до олабавување и тоа и практично се гледа дека доаѓа до намалување на бројот на инфицирани и олабавување, без разлика на тие инциденци, кои се јавуваат од ден во ден. Меѓутоа тоа ќе биде и основата кога ќе се носи одлуката во делот на изборниот процес дека е добро да имаме што е можно побрзо организирање на избори, за да имаме функционални институции, вели Спасовски.

Тој посочи дека едно е здравствената криза, а втора е и економската криза, којашто е резултат на здравствената криза.

-Затоа ќе имаме многу одлуки, коишто навистина ќе бидат тешки, но и храбри одлуки за да може да поддржи македонската економија во наредниот период. Епидемиолошката проценка е дека наесен можеме да имаме нов повратен бран на забалени и инфицирање од Ковид 19. Така да тука треба да се гради стратегијата во делот на одржувањето на изборите, вели Спасовски.