Се повлече еден од најдолговечните челници во европскиот фудбал откако репрезентацијата го допре дното


Претседателот на Фудбалската федерација на Бугарија (БФУ), Борислав Михајлов објави денеска дека се повлекува од должноста под притисок на слабите резултати на репрезентацијата што пред две недели доведоа до насилни навивачки протести во Софија.

„Поднесов оставка во духот на примирјето“, изјави попладнево на вонредна прес-конференција 60-годишниот Михајлов, кој беше на чело на БФУ изминатите 18 години.

Михајлов есента 2019 година веќе еднаш поднесе оставка по скандалот со расистички навреди на натпреварот против Англија, но потоа ја поништи својата одлука и една и пол година подоцна се врати на чело на бугарскиот фудбал.

Рекордер според долговечноста на чело на БФУ, овој поранешен голман од славната ера на бугарскиот фудбал во 1994, беше пет пати избиран на претседателската должност. Неговото претседателствување беше одбележано со постојани обвинувања за местење натпревари и илегално обложување, злоупотреба на буџетски средства и судир на интереси.

Притисокот од јавноста кулминираше по серијата слаби резултати на бугарската репрезентација во квалификациите за ЕУРО2024 и насилните протести на навивачите на 16 овој месец во Софија.

БФУ соопшти дека до избор на нов претседател должноста времено ќе ја извршува заменикот на Михајлов, Михаил Касабов.