Се повеќе земји од ЕУ воведуваат забрана за закотвување на руски бродови во нивните пристаништа


Белгија – Сè повеќе земји-членки на ЕУ размислуваат за забрана за закотвување на руски бродови во нивните пристаништа, засилувајќи ги санкциите по забраната за воздушниот сообраќај со Русија, јави Ројтерс, пренесува Хина.

Уште во понеделникот, Велика Британија одлучи да не дозволи влез во нивните пристаништа на сите бродови во руска сопственост или оние што ги изнајмуваат Руси или пловат под руско знаме. Канада вчера објави дека оваа недела ќе ги затвори своите пристаништа за руски бродови, откако го забрани увозот на сурова нафта од Русија.

Данското Министерство за надворешни работи во неделата разговараше за затворање на европските пристаништа за руски бродови. „Данска активно работи на тоа Европската унија да донесе заедничка одлука да ги затвори своите пристаништа за руски бродови“, соопшти Министерството.

Французите наведуваат и дека постои можност да се забрани запирање во нивните пристаништа, а грчката Влада најави дека ќе ја спроведе секоја одлука на Комисијата.

Од Европската комисија велат дека засега нема таква забрана, но се размислува за дополнително зајакнување на санкциите, што ќе биде објавено наскоро.

Европскиот парламент вчера усвои необврзувачка резолуција со која се бара таква забрана.