Се повеќе барања за помош од социјално загрозените граѓани


Мрежата на невладини организации „Сите сите“ бара од Градот Скопје поддршка со цел да го зголеми својот капацитет на работа во услови на зголемен број барања за помош од социјално загрозени граѓани погодени од кризата предизвикана од Ковид-19.

Блаже Јосифовски, претседател на Асоцијацијата „Ајде Македонија“ и координатор на мрежата „Сите сити“, која брои 15 активни членки, на денешната прес – конференција по повод потпишување на заедничко Барање од членките на Мрежата до Град Скопје за поддршка на нивните активности, истакна дека за време на ковид – кризата зголемен е бројот на нивни корисници на услугите кои ги нудат и на обемот на работа за 30-50 проценти во храна и други услуги.

Од Град Скопје се бара поддршка за простор (магацински), транспорт (гориво, возило и др.), финансиски средства за дополнителен персонал и поддршка во поттикнувањето на поголемо вклучување со донирање од страна на компаниите, како и за волонтери што ќе помогне да се зголемат капацитетите за обезбедување повеќе храна за корисниците на мрежата на територија на Град Скопје и за новите кои очекуваат да се појават во периодот што следи.

– Ситуацијата е влошена заради здравствената и економска криза и оти најавите се дека во идниот период ќе се влоши уште повеќе. Ние како организации чувствуваме дека сме на крајот од нашите ресурси и физички и психички и би било исклучително важно помошта да се насочи за егзистенција на загрозените. Навистина имаме случаи каде луѓе кои се јавувале како донатори, сега се јавуваат како баратели на помош. Добро е што имаме се повеќе донатори -индивидуалци и компании, но многу е важно во ова да се вклучат и локалните и националните власти и сметаме дека поддршката за корисниците од социјален карактер мора да биде приорите во идниот период, бидејќи станува збор за криза која ќе потрае, вели Јосифовски.

Тој појаснува дека поединечно некои од членки на мрежата досега користеле помош од Градот, но по јавување на годишен конкурс за сите организации, но вели оваа криза бара посебна програма која ќе одговори на оваа криза.

 

Отец Оливер од хуманитарната организација „Св. Спас“ истакна дека пред кризата имале околу 220 семејства кои биле вклучени во програмата за континуирана помош, а сега со здравствената криза нивната бројка пораснала на над 280, а покрај ова делат и преку 100 пакети интервентна помош. Бројките се, вели, нецелосни, а нивните капацитети и општо на хуманитарните организации се премногу мали. На барањата за помош што досега ги упатиле како хуманитарна организација, вели, не добиле одговор ниту од државата, ниту од Градот Скопје.

-Ние можеме да помогнеме онолку колку што ќе добиеме донации. За жал, освен нашата општина Кисела Вода никој друг не ни излегол во пресрет. Потребна им е помош на луѓето, вели отец Јосифовски и нагласува дека покрај ваучетите како еднократна помош, потребна е подолготрајна помош за социјално загрозените лица, а проектите кои во моментов се целосно неважни државата и градот да ги запрат.

Двајцата очекуваат Градот Скопје да има слух и позитивно да одговори на нивните барања.

Помош бараат и здуженијата на пензионери кои забележуваат дека не биле вклучени во третиот пакет кризни мерки, но очекуваат тоа да се поправи во креирањето на четвртиот сет мерки за справување со еконономската криза предизвикана од здравствената.