Се поставуваат ознаки на спомениците и се менува Сонцето од Вергина, согласно Договорот од Преспа

Започна поставувањето ознаки на спомениците, а се отстранува и Сонцето од Вергина од симболите на јавните институции и на јавните простори, но и од јавните објекти и површини, согласно Договорот од Преспа.

„Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ“, стои на  ознаката на споменикот „Воин на коњ“ на централниот плоштад во Скопје.

Поставена е и ознака на споменикот на Олимпија, на плоштадот и парк Ибни Пајко и таму пишува: „Во чест на Олимпија, историска фугура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно историско наследство“.

Името на спомениците останува исто, но се истакнува дека станува збор за историска фигура од античката хеленска историја. Вакви споменици има во неколку градови во земјава.

Наведеното на ознаките е напишано на македонски, на албански и на англиски јазик.

Започна и бришењето на симболот на поранешното знаме – Сонцето од Кутлеш од обележјата на јавните институции, објекти и јавните површини. Впечатливо е дека тоа се менува и на шахтите во главниот град.

Поставувањето на ознаките следува по владината препорака до единиците на локалната самоуправа, државните и јавните институции, да ги почитуваат обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

Во Преспанскиот договор, во членот 8 став 2 се вели дека: „Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.

Започна и бришењето на симболот на поранешното знаме – Сонцето од Кутлеш од обележјата на јавните институции, објекти и јавните површини. Впечатливо е дека тоа се менува и на шахтите во главниот
град.

Оваа обврска е регулирана во член 8 став 3 од Преспанскиот договор во кој е посочено дека: „Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа
спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“.

Во однос на симболот на поранешното знаме (Сонцето од Вергина/Кутлеш), државата има преземено обврска уште во 1995 година со Привремената спогодба конкретно член 7 став 2, дека нема да го
употребува симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции. Користењето на симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции е регулирано уште во 1995 година.

Поставување на ознаките и отсртанувањето на Сонцето од Вергина во Скопје е во надлежноста на градските власти и е под постојан видео надзор и редарска служба.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски вчера во изјава за медиумите рече дека одлуката на Владата за отстранување на симболот на Сонцето од Вергина е за општините, државните и локални институции и оти се импелементира сега согласно Преспанскиот договор. Во однос на приватното користење на симболот, Милевски рече дека тоа не може да забрани. За спомениците, треба само да се обележи дека тоа е споменик од античкиот период, од хеленистичкиот период.