Се поништуваат сите решенија за домашна изолација и државен карантин од 13 јуни


Фото: Б. Грданоски

Сите дејствија по решенијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за периодот од 13 до 25 јуни годинава за лица под здравствен надзор и домашна изолација и лица во државен карантин се поништуваат, информираат од Владата.

Главниот координативен кризен штаб, соопштија од владината прес-служба, достави барање до Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со престанокот на важноста на издадените решенија за домашна изолација за лицата кои се вратиле во Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест на КОВИД-19.

– Денеска, 25.06.2020 година, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно член 136 став 1 алинеја 4 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/15 и 65/18) донесе Одлука со која го запира извршувањето на сите негови решенија донесени во периодот од 13.06.2020 година до 25.06.2020 година за ставање на лица под здравствен надзор и домашна изолација кои влегле во Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест на КОВИД-19 и потпишана изјава, како и решенијата издадени за лица кои се ослободуваат од државен карантин со негативен ПЦР тест на КОВИД-19, по нивното враќање во Република Северна Македонија, од земја со висок/среден ризик за КОВИД-19, а спроведените дејствија по истите решенија се поништуваат, информираат од владината прес-служба.

Одлуката, согласно Закон, ќе биде објавена во „Слободен печат“ во текот на два последователни дена почнувајќи од 26.06.2020 год., а потоа и еднократно во „Службен весник на Република Северна Македонија“.