Сè помалку граѓани патуваат со автобуски превозници

Вкупниот број на превезени патници со автобуси во второто тримесечје од годинава е намален за 3,7 проценти во споредба со истиот период лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според статистичките податоци, намалување од 13,7 проценти има кај бројот на патници во меѓународниот превоз, за 20,9 проценти кај меѓуградскиот превоз и за 4,9 проценти кај приградскиот превоз. Зголемување од 0,5 проценти има кај бројот на превезени патници во градскиот превоз.

Во однос на првиот квартал од годинава, вкупниот број на превезени патници е зголемен за 2,1 процент. Зголемување за еден процент има кај градскиот превоз, за 1,8 проценти кај приградскиот превоз, за 10,3 проценти во меѓуградскиот превоз и за 26,2 проценти во меѓународниот превоз.

Вкупниот број на патнички километри во патниот превоз во второто тримесечје е намален за 8,3 проценти, а во однос на првиот квартал од годинава, забележано е зголемување од 5,3 проценти.