Се подобруваат условите на Клиниката за нефрологија, реновирањата во завршна фаза

Привршуваат активностите со кои се реновираат оддели и се менува медицинскиот и немедицински инвентар во Универзитетска клиника за нефрологија.

– Станува збор за комплетно реновирање на првиот кат на клиниката, каде се сместени одделите за интензивна нега, одделот за трансплантација, како и одделот за акутна и хронична дијализа и хируршка сала за обезбедување васкуларни пристапи за хемодијализа (артеро-венски фистули, катетри и сл.), соопштија од Министерството за здравство.

Со реконструкцијата е предвидена комплетна промена на изгледот, која опфаќа инфраструктура, нови тоалети и санитарии и целосна промена на инвентарот.

Од Министерството посочија дека се обезбедуваат и нови болнички кревети и помошен немедицински мебел. Воедно е направена и комплетна замена на инвентарот во работните простории на медицинскиот персонал.