Се подготвува закон за донирање храна


Намалувањето на бројот на гладните луѓе преку редистрибуција на вишокот храна таму каде што е потребна е цел која е остварлива. Големи количини од вишокот храна може да се искористат и тоа може да се прави секојдневно во секој дел од светот. Законот за донирање вишок храна во државава е во финална нацрт верзија и се очекува во најскоро време да и биде достапен за јавноста.

Ова го истакнаа учесниците на тркалезната маса на тема „Како да го одржиме системот за донација и редистрибуција на вишок храна“, што се одржа во рамки на проектот „ВСС ефект“, финансиран од Европската Унија.

Претставникот на Банката за храна во државава, Душко Христов, рече дека година и пол работат на темата во врска со вишокот храна и како таа да стигне до сиромашните. Шефот на секцијата за земјоделство при Европската делегација, Вирве Вин Пари, истакна дека голем број семејства имаат потреба од донација со храна.

– Законот е во финална нацрт верзија и се надевам дека во најскоро време ќе биде достапен за јавноста. Може да придонесеме за зголемување на свесноста и да се обидеме да ги постигнеме целите кога зборуваме за намалување на фрлањето храна – додаде Вин Пари.

– Намалувањето на гладот е цел која е остварлива, затоа што денеска има 7,3 милијарди луѓе, а до 2050 година се очекува бројот на популацијата да се зголеми до девет милијарди. Тоа значи дека произведуваме доволно храна за да нахраниме околу 12 милијарди луѓе, но 30 проценти од неа се фрла. Секоја година се обидуваме да помогнеме на најдобар можен начин да се остварат нови активности и банки за храна таму каде не постојат, потенцира претседателот на Европската федерација на банки за храна, Жак Мари Ванденшрик. Посочи дека минатата година редистрибуирале 781.000 тони храна преку голем број банки, хуманитарни организации.

– Имаме 45.000 хуманитарни организации кои учествуваат во редистрибуција на храна во кои работат 31.700 работници, а 85 отсто од нив се волонтери. Можно е да се искористи вишокот храна за да се намали гладот. Тоа може да го правиме секојдневно во секој дел од светот. Секоја година во Европа се губат 88 милиони тони храна, а ние од тоа искористуваме 780.000 тони преку кои обезбедуваме услуга за тие кои имаат потреба од тоа. Дел од 88 милиони тони храна која се губи годишно, не може да се искористи и во моментов се одвиваат голем број дискусии како тоа може да се подобри. Голем дел од таа храна не се користи – рече Ванденшрик.