Се подготвува закон со кој нема да се издава градежна дозвола без исполнета норма за зеленило


Фото: Б. Грданоски

Измените на Законот за урбано зеленило добија поддршка од Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на денешниот состанок во Министерството.

Оценето е дека измените се номотехнички многу добро подготвени, со објаснување и прецизирање на суштински поими и постапки, особено околу процентот на зеленило. Договорено е Министерството да продолжи да учествува во Работното тело на усогласување на текстот, се до конечната усогласена верзија која ќе ја поднесат претставници од Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени во Собранието, која веќе даде поддршка за законските измени.

Покрај министерката Каја Шукова, присутни беа, Анета Михајловска и Соња Фурнаџиска од МЖСП, Лилјана Поповска од Зелен институт, деканот на Шумарски факултет Кирил Сотировски, архитект Цветанка Маркушоска, координаторката на зелената парламентарна група од граѓанскиот сектор Татјана Чакулев, правниот советник Соња Петрушева и Кирил Ристовски од Флорозон.

Со министерката беа дискутирани барањата за измена на Законот за урбано зеленило, донесен 2018 и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци. Се бара: усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени; дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполета норма за зеленило.

Овие предлози призлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. Се одржа јавна дебата на 6 јули 2023 во салата на Советот на Град Скопје, на која беа поканети сите засегнати страни: Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и скопските општини, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг,,Ханс -Ем”, Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, експерти и заинтересирани граѓански организации (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба, Борба за Влае, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.).

Предлог-измените на законот беа изработени во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, по водство на Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг,,Ханс -Ем “, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-Свест финансиран од Шведска.