Се подготвува уште една монтажна амбуланта за корона


Фото: Б. Грданоски

Целосно се заврши инсталацијата за довод на кислород во Модуларната болница и таа е подготвена да прими пациенти и таму нема потреба да се носат боци со кислород. Заврши постапката за ист таков тип модуларна амбуланта и евентуално сместувачки капацитет до Клиниката за пулмологија за следниот период, за да се направи уште еден центар за тријажа на пациенти блиску до Клиника, каде има експертиза во однос на третман на белодробни заболувања.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека целта е да се растовари амбулантата која сега ја користат повеќе интернистички клиники, каде влегуваат и пациенти со белодробни заболувања, со цел во следниот период тие целосно да се одделат од сите други пациенти, дури и во амбулантскиот дел.

– Тоа е амбулантата зад зградата на Интерни клиники. На тој начин ќе имаме два центри, овој блиску до Пулмологија и Модуларната болница до Инфективната клиника, додаде Филипче.