Обиди за саботажа пред конклавата: „Дали сакаме таква личност за папа?“


Историјата е полна со обиди за надворешно влијание врз изборот на папата, без разлика дали од европски монарси, италијански благороднички семејства или лути Римјани.

Денес, оние кои сакаат да влијаат врз изборот на поглаварот на Католичката црква ги користат социјалните медиуми, телевизијата, интервјуата во дневните весници, прес-конференциите, па дури и розовиот чад. Кампањите за влијание врз исходот од многу неизвесната конклава започнаа кратко по објавувањето на смртта на папата Франциск на Велигденски понеделник. Тие мора да престанат до утре попладне, кога кардиналите ќе одат во изолација од надворешниот свет сè додека не го изберат наследникот на Франциск.

Обиди за саботажа
Се издвојуваат два обиди за саботирање на моменталните фаворити за преземање на Светата столица. Минатиот четврток, низ католичките социјални медиуми во САД и во конзервативните италијански весници се прошири веста дека кардиналот Пјетро Паролин, еден од водечките кандидати, имал здравствени проблеми и побарал лекарска помош.

Портпаролот на Ватикан изјави дека извештаите се целосно лажни. Италијанските медиуми пишуваа дека станува збор за обид да се „отрујат“ шансите на 70-годишниот кардинал, тврдејќи дека неговото тело не е подготвено за толку важна функција. „Тоа беше јасен обид за саботажа на Паролин“, рече италијанскиот кардинал Франческо Кокопалмерио.

„Дали сакаме таква личност за папа?“
Неколку дена по смртта на Франциск, беше раширена шестгодишна снимка од Луис Антонио Тагле, на која филипинскиот кардинал ја пее песната „Имеџин“ од Џон Ленон, позната по своите стихови во кои се негира постоењето на рајот и пеколот и се повикува на свет без религии.

Американските и италијанските конзервативци го обвинија Филипинецот за ерес. Еден традиционалистички италијански портал праша: „Дали сакаме таква личност за папа?“

Поддржувачите на Тагл го бранеа кардиналот тврдејќи дека тој отпеал скратена верзија на песната, без спорниот текст. „Од десно кон лево, лажните вести за потенцијалните папи се насекаде“, напиша Паоло Родари, коментатор за прашања поврзани со Ватикан за швајцарската радио и телевизиска станица RSI.

Притисок на ултраконзервативците
Двајца познати конзервативни новинари, Британецот Едвард Пентин и Американката Дајан Монтања, подготвија документ од 200 страници на италијански и англиски јазик со профили на 30 кардинали и нивните ставови за доктринарни и социјални прашања. Монтања им го предава документот на кардиналите кои влегуваат и излегуваат од конгрегациите пред конклавата.

Пентин за Ројтерс изјави дека нивната работа е „служба на Црквата“ и дека профилите на неколку ултраконзервативни кардинали, за кои се смета дека немаат шанси да станат нов папа, биле вклучени за да се остави можноста за „божествена интервенција“ за време на конклавата.

Од другата страна на политичкиот спектар, млади, прогресивни католици од северот на Европа подготвија отворено писмо во кое ги повикуваат кардиналите да го изберат човекот кој ќе ги продолжи реформите на Франциск. Аргентинскиот папа „отвораше врати и кршеше табуа“, напишаа тие.

„Исклучувањето на жените од конклавата и ракоположената служба е грев и скандал“
Групите за човекови права на жртвите на сексуална злоупотреба одржаа неколку прес-конференции во Рим за да кажат дека кризата не е завршена и дека важно е како одредени кардинали се бореле против неа или ја игнорирале.

По секој круг гласање во конклавата, од оџакот на Систинската капела ќе се испушта чад, бел ако е избран нов папа, а црн ако сè уште не е. Можеби најживописниот сигнал до кардиналите ќе дојде од Конференцијата за ракополагање на жени, која го промовира женското свештенство. Организацијата планира да испушти розов чад од рид во близина на Ватикан неколку часа пред почетокот на конклавата.

„Исклучувањето на жените од конклавата и ракоположената служба е грев и скандал“, рече директорката на организацијата, Кејт МекЕлви. „Група ракоположени мажи кои се состануваат зад затворени врати за да донесат значајна одлука за иднината на Црквата е школски пример за „машки клуб““, додаде таа.