Се подготвува монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија


Фото: Б. Грданоски

Во тек се подготвителни активности за новиот монтажен објект на Клиниката за пулмологија и алергологија, кој ќе биде поставен на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза. Министерството за здравство соопшти дека веќе е поставена бетонската плоча како подлога за монтажно-модуларниот амбулантско поликлинички оддел.

-Кон крајот на неделата ќе почне поставувањето на контејнерите, чија монтажа треба да заврши до 30 јули, а се планира кон средината на август објектот да биде целосно подготвен. Во новиот објект ќе бидат лоцирани четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекалници, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично, информира Министерството за здравство.

Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен така што нема бариери за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите.
Во меѓувреме се работи на изготвување план за потребното ентериерно уредување и обезбедување медицинска и немедицинска опрема.

– Од Клиниката за пулмологија појаснуваат дека пациентите со белодробни заболувања, поради хроничната болест на белодробниот систем,  се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа, се наведува во соопштението на Министерството.