Се подготвува документација за проект за прифаќање на атмосферските води од Припор и Сопиште


Фото: Б. Грданоски

Град Скопје, покрај реализација на тековните инвестициски проекти за изградба и реконструкција на водоводната и канализациона мрежа во градот, продолжува со исполнување на ветувањата од програмата „За модерно Скопје“ со изработка на инвестициско техничката документација за прифаќање на атмосферските води од Припор и Сопиште, информираат од Одделението за односи со јавност.

– Проектната документација има цел да оствари сепарационо и трајно решавање на одведувањето на атмосферските води, од местата кои гравитираат на потегот од нискиот дел на Припор, во близина на новиот кружен тек на булевар „Србија“, па сè до кружниот тек во Сопиште. На овој локалитет досега не постои изградена атмосферска канализација, заради што постојниот систем на фекална канализација е дополнително оптоварен со дождовни води и во услови на дожд, постои можност за изливање на отпадните води. Притоа низ постоечката канализација, во услови на обилни врнежи, минува земја, песок, листови и гранки кои претставуваат дополнителен проблем при одржувањето на канализационата мрежа, посебно во нискиот дел од Припор, се наведува во соопштението.

Изработката на оваа техничка документација од страна на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, како што се додава, е, конечно решение за соодветна канализација, усогласена со потребите на терен и планските решенија за населените места и со негова реализација ќе се овозможи соодветно одводнување.