Се отвораат кината и театрите, физичко присуство во 169 училишта


На последната седница на владата е решено да се дозволи работата на кината, театрите, оперските и балетски престави согласно протоколите за заштита од ковид.

На денешната седница на Владата е усвоен и Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за период од 2.09.2020 година до 14.09.2020 година.

Комисијата предлага согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. А не исполнуваат услови 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.

Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).

На предлог на Комисијата за заразни болести денеска Владата ги усвои и Протоколот за работа на природните лекувалишта за услови на пандемија со КОВИД-19, како и Протоколот за работа на едукативните центри, музички училишта и центри/училишта за странски јазици во услови на епидемија со КОВИД-19.

На оваа своја седница Владата ја прифати и препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука (МОН) за потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следење на онлајн настава, одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на Протоколите дадени од МОН, а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.