Се отвора нов шопинг парк во Скопје


Денеска во Скопје официјално се отвора првиот трговски парк на периферијата на градот, по примерот на европските метрополи.

„Поинт ретаил парк“ е прв ваков тип на шопинг центар во Скопје. Паркот се наоѓа во општината Чаир – Бутел, на местото на некогашната фабрика Типо и е позициониран на достапна локација, помеѓу два булевара кои се стратешка комуникациска точка помеѓу скопските населби Центар, Карпош, Бутел и Чаир.

Тој се простира на површина од 9.500 м2 со и 300 паркинг места, а посетителите ќе можат да уживаат во шопинг на познати брендови како „Ваикики“, „Спорт вижн“, „Ка-еф-це“, „Јиск“, „Нептун“, „Зегин“, „Сара Фешн“, „Ел-ти-би“, „Шатци парфимерии“, „Спортекс“, „КРШ“ , „Д Спортска опрема“ и други.
Исто така во склоп на трговскиот пар ќе има и ексклузивен ресторан, супермаркет „КИТ-ГО“, банка, игрoтека и продавница за деца на површина од 2.500 м2. Ексклузивен лизинг агент за „Поинт ретаил парк“ е „Фортон МКА“ дел од „Кушман и Вејкфилд“. Според претставниците на „Фортон МКА“ интересот за комплексот е огромен.
„Бевме вклучени уште во дизајнирањето на проектот и започнавме со физибилити студија на која предвидовме ретаил парк и сме задоволни што проценките од пред година и пол се остварија и сега имаме 100 отсто исполнет ретаил парк со класа А закупци од македонскиот пазар. Среќни сме што и закупците ги препознаа вредностите на еден ваков парк и кои се придобивките од истиот“ изјави Влатко Богоевски, главен извршен директор нa „Фортон МКА“ пред десетина дена

„Среќни сме што на Скопје и Македонија ќе им овозможиме да уживаат за прв пат во еден ретаил парк. Тој ќе им овозможи на посетителите максимално уживање во секојдневните активности понудувајќи голем број на содржини. Ваков концепт кој е развиен насекаде во светот, а посебно во Европа и регионот е нешто што му недостасуваше на Скопје да го позициониран на највисоко место во регионот”, изјави Али Ќаили, сопственик на „Али Тобако“, која е инвеститор во новиот трговски комплекс.