Се отвора 13. Македокс, земја во фокус е Чешка


 

Четириесет и пет филмови ќе се прикажат во четирите натпреварувачки програми на 13. издание на фестивалот на креативен документарен филм Македокс во Скопје, што се отвора вечерва во 21 часот со проекцијата на индиско-британскиот филм „Сè што дише“ во Куршумли ан. Ќе се одржува до 25 август на четири локации (Куршумли ан, платото на Куршумли ан, МКЦ и Европска куќа Скопје), а мотото на годинашниот фестивал е „Лупење идеи“.

 
Меѓу деветте наслови во главната програма кои ќе се борат за наградата Кромид е и „Вознемирена земја“, што го режираа Кумјана Новакова и Шпанецот Гилермо Карерас-Канди, што ќе биде негова македонска премиера.
 

Земја во фокус е Чешка и оваа програма содржи осум долгометражни и неколку кратки, анимирани и докуанимирани филмови, преку кои ќе се претстави најновата чешка документаристичка сцена. Почесна гостинка на фестивалот притоа ќе биде познатата чешка документаристка Хелена Тшештикова. Оваа програма почнува утре.

Последниот филм во програмата на 13. МакеДокс ќе биде аргентинскиот „Трње“, на 25 август од 23 часот.