Се отвара нов музеј во чест на оперската дива Марија Калас – Атина ги победи Париз и Њујорк


 

Грција– Нов музеј посветен на оперската дива, Марија Калас,ќе биде отворен за јавноста во летото 2023 година, што се совпаѓа со 100-годишнината од раѓањето на најславната сопраниостка на сите времиња, соопшти градочалникот на Атина,  Костас Бакојани.

Бакојани, ја објави веста во средата за време на специјалната церемонија за „добредојде“ на 50 лични предмети на Калас, донирани на градот од Константинос и Викторија Пиларинос.

Музејот Марија Калас, прв од ваков вид во светот, ќе се наоѓа во срцето на Атина во реновирана неокласична зграда – поранешен хотел – на улица Митрополеос и ќе изложува историски материјал, аудио архиви, ретки снимки, како и уникатен збирка на записи и лични предмети. Посетителите ќе имаат можност да ја доловат и големата Калас преку интерактивни апликации.

Општината првпат набави предмети поврзани со Калас во 2000 година преку меѓународна аукција во Париз. Музејската збирка со текот на времето се збогатуваше со донации од институции и поединци. Десетици грчки институции и приватни колекционери, меѓу кои и покојните уметници Алекос Фасијанос, Димитрис Митарас и Панајотис Тецис, дадоа придонес за новиот музеј, соопшти градот.

„Трогнат сум не само затоа што Атина ја почестува својата дива со посебен музеј кој ќе биде готов следното лето, туку и затоа што колекцијата на експонати денес уште повеќе расте благодарение на оваа трогателна донација“, рече Бакојани.

Градоначалникот им се заблагодари на Константинос и Викторија Пиларинос за нивната донација, додавајќи дека и покрај тоа што добиле слични предлози од Париз, Њујорк и другите големи градови, е избрана Атина.

„Со гордост и радост го збогатуваме музејот, кој беше долг не само на Атина, туку и на целата земја кон „глобалната“ Калас“, рече Бакојани.

„Голем труд, почит и љубов е вложен за да се заштити оваа збирка 45 години и денес ја предаваме на општината Атина за да биде додадена на музејските експонати и да се искористи на најдобар можен начин“, рече Пиларинос.

Некои од предметите се донирани од миланската Скала, Метрополитен операта, Театро Ла Фениче во Венеција и Арена ди Верона, каде Калас го имаше своето деби на Италија во 1947 година.

Родена во Њујорк од родители грчки емигранти во 1923 година, Софија Сесилија Ана Марија Калогеропулу живеела во Атина од 1937 до 1945 година, откако нејзините родители се разделиле.

По посетувањето на часовите по пеење на Националниот конзерваториум, таа го направи своето професионално деби со Кралската опера во Атина во 1941 година.

По славната кариера долга повеќе од три децении и виорната романса со грчкиот тајкун Аристотел Оназис, Калас почина во Париз во 1977 година.

Нејзината пепел била расфрлана во Егејското Море две години подоцна.

Помеѓу 2002 и 2008 година, постоеше претходен музеј Калас со помала колекција. (според медиумите)