Се откупуваат последните килограми тутун, просечна откупна цена 290 денари


Откупот на тутунот за првпат поминува без никаков проблем. Целокупното производство од годинашната реколта ќе биде откупено два месеца порано по просечна цена од 290 денари за килограм, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по средбата со тутунопрооизводителите и откупувачите на тутун.

Николовски оцени дека откупот на тутун годинава пишува историја и по цена и по количина и по период на откуп.

– За прв пат, имаме тутун што достигна рекордна цена од скоро 290 ден/кгр., што претставува зголемување за 44 проценти во однос на реколтата од 2021 година кога цената беше 200,44 денари. Оваа година, за прв пат имавме откуп кој помина без ниту еден проблем. Се помина во најдобар ред како никогаш до сега. И дополнително, целокупното производство од реколтата 2022 година, ќе биде откупено два месеци порано пред истекот на законскиот рок. Значи дека тутунопроизводителите ќе ги имаат парите на своите сметки токму за новогодишните празници. Откупот на тутун од реколта 2022 година започна на 15 ноември од страна на 10-те откупни претпријатија и со состојба од 26.12.2022 година откупени се вкупно околу 20.401 тони тутун, што претставува околу 90 проценти од вкупно договорената количина тутун, посочи Николовски.

Министерот информрира дека од типот „Прилеп“ се откупени околу 19.980 тони, а од типот „Јака“ 234 тони тутун, а според учеството по класи околу 16.139 тони се откупени во I класа, што претставува околу 79,8 проценти од вкупно откупената количина, а во II класа околу 3.981 тони што претставува околу 19,7 проценти од вкупно откупената количина што укажува дека годишната реколта е со висок квалитет.

Вкупната вредност на откупениот тутун е околу 5,8 милијарди денари, а од страна на откупните претпријатија исплатени се околу 5,5 милијарди денари односно околу 94 проценти.

– Договореното производство на тутун во 2022 година е зголемено за околу осум проценти во споредба со реколта 2021 година, поради зголемување на површините за околу 11 проценти во споредба со 2021 година. Исто така, за околу шест проценти, зголемен е и бројот на склучени договори во споредба со реколта 2021 година. Во производната 2022 година, тутунот е засаден на површина од 13.237 хектари што претставува зголемување на површините за околу 1.453 хектари во споредба со производната 2021 година. За ова производство склучени се вкупно 29.429 договори што претставува зголемување на бројот на договори за околу 1.780 договори во споредба со производната 2021 година, рече Николовски.

Николовски очекува овој позитивен тренд да продолжи и во следната 2023 година.

Тутунопроизводителите изразија задоволство што за првпат новогодишните празници ќе ги дочекаат заедно со нивните семејства, неместо на протести.

– Заедно со 80 денари субвенции од државата за прва класа оваа година добиваме 370 денари по килограм предаден тутун, нешто што не се случило до сега и е најубавата новогодишна честитка за нас. Благодарни сме до Министерството што наврмено ги започна разговорите за овогодинешниот откуп со откупувачите, кои дадоа фер цена и ја почитуваа нашата мака и добриот квалитет на тутунот. Заедно покажавме дека можеме да имаме и поинаква откупна година, изјави Ѕвонко Ристески.