Се омажи внуката на Грејс Кели: Шарлот Касираги во две венчаници


Монако- Во Монако викендов се славеше. Шарлот Касираги (32), ќерка на принцезата Каролина и внука на Грејс Кели се омажи за францускиот продуцент Димитри Расам (37), инаку син на познатата француска актерка Карол Буке.

Двојката во саботата изговори „да“ пред матичар во една од палатите на кралското семејство, а вечерта се одржа забавата во вилата „La vigie“.

На свадбата присуствуваше целото кралско семејство: принцот Алберт Втори со сопругата Шарлин со близанците, мајка ѝ, принцезата Каролина, браќата Андреа и Пјер, и полустестрата Александра од Хановер.

За разлика од другите кралски венчавки, двојката се потруди нивната да биде интимна и не толку достапна за јавноста, за што говори и фактот дека во јавноста се појавија само неколку фотографии.

Шарлот за овој среќен ден за неа одбра два невестински фустани.

Креација на модната куќа „Сен Лоран“ беше нејзиниот избор за дневната свеченост. Се работи за мини фустан од тантела, со панделки, зад кој се потпишува дизајнерот на куќата, Ентони Вакарело.

За вечерниот дел пак, изборот падна на бел невестински фустан од „Шанел“ и тоа од колекцијата за висока мода. Она што беше посебно воочливо е ѓерданот кој Касираги го носеше. Тоа е истиот ѓердан, дијамантски, кој Грејс Кели го носела на нејзината свадба.

Двојката лани доби син, Балтазар.