Се ограничуваат маржите за 102 групи производи, а за осум се замрзнуваат цените

Двете одлуки ќе стапат на сила следниот ден откако ќе бидат објавени во „Службен весник“, а ќе траат до 30 април, беше соопштено на прес-конференција во Владата


Фото: Б. Грданоски

 

Владата на денешната седница донесе две одлуки со кои за 102 групи производи се ограничуваат маржите во трговијата на големо и на мало, а за осумте најосновни производи практично се замрзнуваат цените на ниво од 1 февруари годинава. Двете одлуки ќе стапат на сила следниот ден откако ќе бидат објавени во „Службен весник“, а ќе траат до 30 април, беше соопштено на прес-конференција во Владата. Со оваа одлука, како што се цени, ќе се сопре трендот на раст на цените и ќе се заштити животниот стандард на граѓаните во наредниот период додека траат мерките. Мерките биле донесени на предлог на Министерството за економија и труд.

„Владата на денешната седница донесе две одлуки. Прво, одлука за ограничување на профитната маржа во трговијата на големо и трговијата на мало и второ, одлука за определување на највисоките цени за одделни производи во трговијата на големо и во трговијата на мало“, изјави на прес-конференцијата заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Тој додаде дека одлуките се со цел да се заштити животниот стандард на населението, односно да се намалат трошоците на живот во потрошувачката кошница за храна и пијалоци и кај средствата за лична хигиена.

Ристески објасни дека Владата донела одлука со која се ограничува маржата во трговија на големо и трговија на мало на 102 групи производи или на над илјада прехранбени и непрехранбени производи.

„Пет отсто бруто профитна маржа на основните осум прехранбени производи и тоа млеко, леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко, или вкупно осум групи на производи“, рече Ристески.

За 55 прехранбени производи бруто маржата е ограничена на десет отсто, како месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини.

И, ограничување на 15 отсто бруто профитната маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигиена и тоа свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.

Ристески рече дека анализата на Државниот пазарен инспекторат покажала дека трговците на големо и трговците на мало пресметувале бруто профитна маржа на основните прехранбени производи во висина од 20 до 25 отсто, за основните производи во трговијата на мало, а од 20 до 50 отсто во трговијата на големо.

„Со оваа одлука се задолжуваат сите кои се учесници во трговијата на големо и трговијата на мало сите овие производи, 102 на број, најмалку 70 отсто да бидат присутни на рафтовите“, рече Ристески.

Во однос на втората одлука, за утврдување на највисоки цени на осум групи прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, тој рече дека како највисока цена се утврдени цените кои што се применувале на 1 февруари 2025 година.

Двете одлуки ќе стапат на сила следниот ден откако ќе бидат објавени во „Службен весник“, а ќе траат до 30 април, појасни Ристески.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески

„Нашите очекувања се дека со овие две одлуки цените на основните прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек за околу десет отсто, освен осумте основни прехранбени производи, леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко, за кои што се очекува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат цените или да има минимално намалување на цените на овие осум основни групи на производи“, рече Ристески.

Тој додаде дека Министерството за економија и труд во изминатиот период имало консултации со трговците, со дистрибутерите, при штo биле одржани повеќе состаноци, како и дека стигнале повеќе предлози и од трговците и од дистрибутерите.

„Согласно нашата анализа и податоците за цени и за маржи кои ги добивме од Државниот пазарен инспекторат, сметаме дека ваквите одлуки ќе придонесат за стабилизирање и намалување на цените на основните прехранбени производи и за заштита на животниот стандард на граѓаните, барем во овој нареден период до 30 април, кога имаме и два големи верски празници, Рамазан и Велигден“, рече Ристески.

Тој посочи дека ДПИ ќе биде максимално вклучен на терен и онаму каде што ќе бидат откриени неправилности, ќе бидат ригорозно казнувани, а казните се и до 20 илјади евра.

Одговарајќи на прашања на новинарите, Ристески рече дека добиле повеќе од 20 предлози и ги ислушале трговците на мало и на големо, како и дел од дистрибутерите и дека дел од тие предлози биле прифатени, но оти се воделе од анализите на ДПИ при донесувањето на овие одлуки на Влада во однос на маржите.

„Веќе имаме скалесто ограничување на бруто профитната маржа што беше дел од нивните предлози од  5, 10 и 15 отсто во однос на маржите во трговијата на големо и на мало“, рече Ристески

Во однос на Законот за нефер трговски практики, односно неговото (не)функционирање, , Ристески одговори дека дека надлежноста на контролата е на Комисијата за заштита од конкуренцијата, која е независен орган и одговара пред Собранието. За самата Комисија рече дека таа е дооформена до 1 јануари и веќе работи, а со цел да се доекипира, предвидени се и нови осум вработувања. (Н.В.)