Се огласи поранешниот директор на Еуростандард банка: Костовски да не бараат виновници кај други


Костовски наместо да бараат други виновници, треба да се позанимаваат со себеси. Да се ангажирале толку колку што требало за банката и да го почитувале она што од нив како акционери го барала Народната банка, состојбата денес ќе беше сосем различна. Денешната ситуација во која се наоѓа банката е само поради тоа што акционерите не биле способни како сопственици да ја следат банката во нејзиниот раст.

Ова, меѓу другото го вели во демантот Николче Петкоски, поранешниот претседател на Управниот одбор на Еуростандард банка, кој беше посочен од страна на Трифун Костовски како еден од главните виновници за пропаѓање на банката.

Наместо обвинувања, акционерите треба сериозно да се преиспитаат колкава е нивната вина за пропаѓањето на банката. Не заради тоа што претходниот менаџмент погрешно го одбрале. Напротив. Како акционери биле должни и морале да знаат што значи да се биде доминантен акционер и сопственик на банка и како треба да ги следат насоките од надлежните институции, во случајов НБРСМ, вели Петкоски.

Тој вели дека од 01.10.2019 година нема никаков контакт со банката во поглед на нејзините операции.

Николче Петкоски

„Иако до 29.11.2019 година бев и формално Претседател на Управниот одбор на банката, мене ми беше оневозможено да имам било каков увид во работењето на банката, како што напоменав, почнувајќи од 01.10.2019 година. Уште повеќе, од 14.03.2020 година не сум ни вработен во банката“, вели Петкоски.

Потсетува дека во банка десет години ја извршувал функцијата на Претседател на Управен одбор, како и дека кредитите се одобрувале од страна на Кредитен одбор, а одредени кредити, над одреден процент од капиталот на банката, биле предмет на одобрување од страна на Надзорниот одбор.

„Претседател на кредитниот одбор беше Коста Костовски, со позиција Асистент на Управниот одбор. Претседател на Надзорен одбор беше Трифун Костовски. Оваа ситуација ја затекнав во банката со моето доаѓање и беше непроменета се до моето заминување“, вели Петкоски.
Тој тврди дека во поглед на кредитните пласмани секогаш биле информирани за реалната состојба во банката низ извештаите кои биле презентирани пред Надзорниот одбор, вклучувајќи го и Трифун Костовски, додека Коста Костовски во рамки на секојдневното работење бил во тек со случувањата.

Тој исто така додава дека во банката негова примарна задача била да обезбеди раст на билансот на банката, а нивна обврска како акционери да обезбедат дополнителен капитал од најмалку 3 милиони евра во наредните 3-4 месеци и тоа однадвор како нови средства.

„За успешноста на моето работење ќе ги презентирам податоците за билансот на банката кога дојдов во банката (крајот на 2009 година) и кога ја оставив на управување на новото раководство (30.09.2019 година)“, вели Петкоски.
Притоа наведува:

Билансот на банката: 2009 – 27,8 милиони EUR, а во 2019 – 161 милион EUR
Кредитното портфолио 2099 – 12,5 милиони EUR, а во 2019 – 97 милиони EUR
Паричните средства и паричните еквиваленти: 2009 – 9,2 милиони EUR, а во 2019 – 41,4 милиони EUR
Акции во Поштенска банка: 2009 – проблематичен влог во акции на Поштенска банка АД Скопје од 4 милиони EURза кои имаше Решение од НБРМ да се продадат, а во 2019 – Еуростандард банка АД Скопје стана сопственик на 100% од акциите на Поштенска банка АД Скопје и ја припои Поштенска банка АД Скопје во 2014 година, а во декември 2016 година беше потпишан нов договор со Македонска пошта АД Скопје со многу поголеми позитивни ефекти на билансот на банката
Депозити на коминтенти: 2009 – 16 милиони EUR, а во 2019 – 145,3 милиони EUR, а еден квартал претходно (30.06.2019) биле 170 милиони EUR
Случај Фи-ком: 2009 – проблематични пласмани во Фи-ком со непризнаени хипотеки, а во 2019 – побарувањето од Фи-ком наплатено
Пазарно учество на банката: 2009 – банката беше во групата на мали банки со пазарно учество од 0.63%, а во 2019 – во групата на средни банки со пазарно учество од 1,87% (на почетокот на 2019 пазарното учество на банката беше и до 2,3%)
Во 2009 – од уплатените 18 милиони EURакционерски капитал за потребите на пресметка на коефициентите предвидени со супервизорските стандарди можеа да се користат само 7 милиони EUR (на портфолио од 12,5 милиони EUR)
До 2019 – банката се стекна со имот – деловната зграда во која беше сместена Централата на банката. Групацијата во сопственост на семејството Костовски се стекна (дел директно дел индиректно преку банката) со две деловни згради со над 8,000 m2во строгиот центар на Скопје
До 2019 – банката стана најголем акционер во Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје и Централен депозитар на хартии од вредност АД Скопје.

Трифун и Коста Костовски го посочија Петковски како еден од главните виновници за состојбите во Еуростандард банка (Фото: Б. Грданоски)

Растот на банката не беше следен со соодветен раст на капиталот кој требаше да биде обезбеден од страна на акционерите“ вели Петкоски.

Според него првите барања од страна на Народната банка за потреба од дополнителен капитал е со Решение од 11.03.2013 година.

„Тогаш за пресметка на коефициентите предвидени со супервизорските стандарди можеа да се користат повторно само нешто над 7 милиони EUR, овој пат на кредитно портфолио од преку 50 милиони EUR наспроти кредитното портфолио од 12,5 милиони EUR од 2009 година. Од тогаш наваму на сите состаноци со претставници на Народната банка секогаш беше потенцирана потребата за дополнителен капитал“, вели тој.
Додава дека со оглед на тоа што акционерите на банката не ги обезбедуваа дополнителните средства за докапитализација, Народната банка наметнуваше ограничувања во работењето на банката со цел зголемување на капиталната основа на банката за соодветно покривање на кредитниот ризик. Сите тие ограничувања на работењето имаа негативен ефект на работењето на банката и влошување на портфолиото во текот на годините.

Почнувајќи од месец март 2019 година скоро комплетната комуникација со Народната банка беше водена од страна на г-дин Трифун Костовски,. И во тој период, при средбите со Гувернерот на Народната банка се ветувани работи за кои се немало претстава дали може да се исполнат за потоа да биде барано од мене да истите ги реализирам и обезбедам, пред се дополнителни средства за докапитализација на банката, што и го правев до моментот додека имав овластувања“ вели меѓу другото Петковски наглаасувајќи ддека акционерите биле во тек со сé што се случува во банката, и со оглед дека својот дел од обврската во ниту еден момент не го исполниле, обидот да се амнестираат од вина и да се прикажат како „жртви“ во најмала рака е несериозен.
Тој прашува и дали дали акционерите како физички лица и нивните компании имаат депозити во банката во моментот на одземањето на дозволата за работа (притоа, не мислам на субординираните и хибридните инструменти), дали како физички лица и нивните компании имаат депозити во други банки, дали во последните месеци имало од нив како физички лица или од нивните компании повлекување на средства и одлевање во други банки и дали во последните месец – два од страна на членови на раководството на банката имало повлекување на депозити?
Јас немам информации за ова и не ги знам одговорите, но истите ќе помогнат за да можат клиентите на банката да ја оценат „грижата и сериозноста“ на акционерите за обештетување на клиентите“, вели тој.

На крајот, Паткоски вели дека бара јавно извинување, а во спротивно ќе бара заштита на своите права пред надлежни институции.