Се одложуваат се повеќе судења поради Ковид 19


Корона вирусот денеска одложи две судски рочишта поради тоа што обвинетите се или во изолација, или имаат позитивен тест за Ковид-19.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и ексминистерот Спиро Ристовски имаат решенија за изолација, и тоа беше причината денеска да се одложи судското рочиште за предметот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“. Решенијата ги добиле откако нивни блиски се позитивни на ковид-19.

Нивниот адвокат Еленко Миланов преку медиумите јавно побара, а најави дека ќе подготви и писмено барање, Комисијата за заразни болести да изработи протоколи за одржување на судски рочишта, со оглед дека секојдневно се наоѓаат во судниците по повеќе часови, каде што често има голем број луѓе и тешко се одржува растојание. Денеска на ова рочиште требаше да се сослушаат група пратеници кои се предложени за сведоци од Вељаноски, но поради отсуство на двајцата обвинетите немаше услови да се одржи судењето.

Денеска се одложи и рочиштето за „Таргет-Тврдина“ поради позитивниот резултат на обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков. Тој има решение за изолација во траење од 20 дена, која може да трае и 10 дена ако тој нема симптоми. Судницата беше преполна со поканети прислушкувани новинари, бизнисмени , политичари и невладини преставници, поради што од судскиот совет ги потсетија дека имаат можност да поднесат писмена изјава или да најдат некој да ги застапува.