Се обновува плочникот во Порта Влае


Во полн ек се активностите за реконструкција на плочникот – партерниот дел во Порта Влае. Старите и оштетени плочки се отстрануваат и на нивно место ќе бидат поставени нови гранитни плочки, како и нов систем за хидроизолација, за да се спречи протекување вода во гаражните делови.

Службите на Oпштина Карпош, во овие моменти работат на потегот од „Баду бар“ кон задниот дел, во должина на улицата „Есперанто“.

Во оваа, прва фаза ќе биде обновена јужната страна на плочникот за која зафатите чинат 25.500.000 денари (со вклучен ДДВ), а реконструкцијата ја финансира „ТАВ МАКЕДОНИЈА“. Овие активности се очекува да завршат до крајот на оваа година (доколку дозволат временските услови).

Денеска, во теренска посета на Порта Влае беше и градоначалникот на Oпштина Карпош, Стефан Богоев, кој истакна дека после 30 години конечно овој јавен простор добива нов лик: 

– Општина Карпош преку Советот донесе и развојна програма за финансирање и реконструкција и на останатиот дел од плочникот. На тој начин, вкупната површина која ќе биде реконструирана изнесува 14.380 м2. Порта Влае е еден од пофреквентните делови на Карпош. Тука живеат повеќе граѓани, но овој дел е симбол и на маалскиот соживот. Исто така, тука опстојуваат и работат и повеќе деловни субјекти, а со овие инфраструктурни активности ќе се зголеми и нивната атрактивност, рече градоначалникот.

Богоев направи обиколка и на околните деловни субјекти. Претставниците на малите бизниси истакнаа дека овие активности се добредојдени, подолго време очекувани и се надеваат дека и они ќе имаат економска исплатливост од овој проект.
Општина Карпош ги повикува сите граѓани кои живеат и се движат во овој дел, да имаат разбирање и трпение за теренските градежни активности.