Се обновува булеварот кај Бит-пазар, готов за еден месец


Реконструкцијата на булеварот „Крсте Мисирков“ што почна денеска, ќе чини 20 милиони денари.
Град Скопје денеска почна со реконструкција на коловозот на булеварот „Крсте Мисирков“ на потегот од крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ до поликлиниката Бит-пазар. Ќе се менува асфалтот во должина од 1.350 метри, а како што најави градоначалникот Петре Шилегов градежните работи ќе завршат за 30 дена.
Реконструкцијата на улиците низ Скопје се прави и навечер, што досега не било пракса, со цел што побрзо да завршат градежните работи, појасни градоначалникот.
„Воведуваме нови стандарди во работењето со ноќно одвивање на градежните работи, нешто што досега го немало. Овој Град во минатото трошел пари за шминка, не за реални потребни. Да, од време на време имаме определени застои, но зафатите се завршуваат во рекорди рокови. Град Скопје ги троши парите на граѓаните за нивните приоритети“, рече Шилегов.
Реконструкцијата на булеварот „Крсте Мисирков“ чини 20 милиони денари, што според Шилегов е многу помала сума за разлика од претходно кога фирмите кои ги добивале тендерите наплатувале поскапо.