Се намалува притисокот од болни во Ковид центарот во Битола


БИТОЛА – Се намалува бројот на прегледи, но не и бројот на хоспитализирани во Ковид центарот во Битола. Од Клиничката болница во Битола велат дека има лесно намалување на бројот на прегледи на Инфективно и Тријажниот центар во споредба со изминатиот период.

„Во периодот од последните седум дена во Тријажниот центар се прегледани околу 415 пациенти, додека во Инфективната амбуланта, ковид позитивни се  прегледани 100 пациенти со земање на крв и рендген снимка. Има лесно намалување на бројот на прегледи. Но бројот на хоспитализирани не се намалува. Денеска имаме 76 хоспитализирани во потешка состојба“, вели директорката на Клиничка болница Битола д-р Билјана Гагачовска.

Ноември беше најтешкиот месец за битолчани од почетокот на кризата, а во декември  за само 15 дена се регистрирани нови 627 позитивни случаи, со што вкупната бројка на заболени се искачи на 2 688. Во декември досега се починати 23 лица позитивни на ковид, додека во ноември тој број изнесуваше над 70.

Овој месец Битола има денови кога по бројот на заболени е веднаш зад Скопје, а и денови кога заболените се броеја на прсти. Па битолчани реагираа на социјалните мрежи дека е намален бројот на тестирања, а дека сликата во градот всушност е тешка.

Од Центарот за јавно здравје велат дека тестирањето се одвива без никаков застој. Во зависност од потребите, дневно се прават од 50 до 70 ПЦР тестови и 20 брзи тестирања.

„Бројките на регистрирани позитивни лица сѐ уште се високи, исто како на ниво на државата. Апелираме на почитување на мерките со цел да се намали бројот на новорегистрирани. Во однос на бројот на тестирања слободните термини кај матичните лекари се зголемени после започнувањето на користење на брзите тестови во Центарот за јавно здравје Битола и здравствените домови во Ресен и Кичево“, изјави Елизабета Крстевска, директор на ЦЈЗ Битола.

Матични лекари од Битола велат дека пациентите со полесни симптоми на Ковид-19 одбиваат веднаш да се тестираат, бидејќи стравуваат дека така ќе се затворат дома и не ќе можат да ги направат сите потребни анализи за текот на болеста. Пациентите со позитивен тест дваесет дена се затворени дома и се лекуваат по телефон, а оние со потешка слика се најавуваат во полиција и со упат од матичен одат во Инфективно да направат рендген снимка, лабораториски испитувања на крв, особено анализа за ЦРП и Д димери.

„Немањето на Ковид амбуланта направи еден друг ефект кај пациентите – иако се со симптоми не сакаат да се тестираат сѐ додека не ги пратиме на рендген, и на лабораториски испитувања за да се види во кој степен е инфекцијата. На овој начин се зголемува ризикот од пренесување на вирусот, бидејќи болни и заразени шетаат низ градот. Доколку би имало ваква амбуланта за полесните случаи, тогаш лекар ќе ги наслуша, ќе направи лабораториски анализи и снимка на гради, па ќе ординира соодветна терапија, или кај нас ќе ги препрати резултатите“, вели матичен лекар од Битола кој сакаше да остане анонимен. (А.Б.)