Се намалува бројот на запишани првачиња во битолските основни училишта


Фото: Б. Грданоски

Се намалува бројот на запишани ученици во прво одделение во дванаесетте основни училишта во Битола и битолско. Во предвидениот рок запишани се вкупно 751 прваче или споредено со минатата година, бројот е намален за дваесеттина ученици.

Од Општина Битола информираа дека во ОУ „Гоце Делчев“ годинава се запишале 46 првачиња, во ОУ „Кирил и Методиј“ – 35, во ОУ „Коле Канински“ – 77, во „Трифун Пановски“ – 35, во ОУ „Тодор Ангелевски“ – 101, а во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ запишани се 30 првачиња.

Слична е состојбата и со уписот на првооделенци во другите битолски основни училишта, односно во ОУ „Елпида Караманди“  се запишале 78 првачиња, во ОУ „Даме Груев“ – 66, ОУ „Стив Наумов“ запишале 114, а најмногу првооделеници ќе има во ОУ „Климент Охридски“, вкупно 118.

Во рамки на Општина Битола се и основните училишта „Александар Туринџев“ во село Кукречани, каде запишани се 19 првачиња и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во село Бистрица, каде на 1 септември наставата ќе ја почнат 32 првооддленци.