Се намалува бројот и процентот на позитивни на коронавирусот


Фото: Б. Грданоски

Нови 119 случаи заразени со коронавирусот од направени 2.065 тестирања, пет починати, 297 оздравени пациенти, е билансот од претходното деноноќие.

Починати се пет пациенти од кои двајца од Скопје (49 г. и 50 г.), еден од Тетово (46 г.), еден од Куманово (63 г.) и еден од Прилеп (82 г.). Сите се починати во болнички услови.

Институтот за јавно здравје регистрира 297 оздравени пациенти.

Вкупната бројка Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 13.914, бројката на оздравени пациенти е 10.507, на починати е 578, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.829. Во Скопје сè уште се активни 884, Куманово 361, Штип 228, Тетово 180, Кавадарци 90, Гостивар 286, Свети Николе 71, Кичево 86 и други.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 83 пациенти од кои на кислородна поддршка се 50 пациенти, нема на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 19 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, шест позитивни деца, една мајка и едно дете суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 48 пациенти од кои на респираторна машина се пет пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 14, а во болницата во Штип се хоспитализирани 46 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 105, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Се намалува бројот на активни случаи по скопските општини: Чаир – 117, Гази Баба – 112, Аеродром – 104, Карпош – 91, Центар – 91, Кисела Вода – 98, Ѓорче Петров – 58, Бутел – 68, Шуто Оризари – 37 и други.

Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство вчера информираше дека во изминатите седум дена е намален бројот на новопотврдени и процентот на позитивни на Ковид-19.

Од 17 до 23 август се направени 11.129 тестирања на коронавирусот, а вкупно се регистрирани 839 нови позитивни случаи од 29 градови во државата, што е намалување од 7,0 отсто, во однос на минатата недела. Најголем дел, односно 33,5 отсто се од Скопје. Во овој период, бројот на новопотврдени случаи е под 20 лица, во 16 града во земјата.

– Процентот на позитивни од тестирани изнесува 7.5 отсто, што претставува намалување од 0,3 отсто во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува тренд на намалување, во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10 отсто, 9.4 отсто, 8.6 отсто и 7.8 отсто, соопшти вчера Министерствотот за здравство.

Според извештајот на ИЈЗ, пријавени се 19 смртни случаи од шест градови или два повеќе во однос на претходната недела и сите се на возраст над 60 години. Од нив, 16 биле хоспитализирани, а три лица починале во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 16 починати лица.

Во однос на учебната година во услови на Ковид-19, Владата вчера одлучи таа наместо на 1-ви септември да почне на 1-ви октомври 2020 година.

Владата на вчерашната седница ги усвои Протоколите за постапување на основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.

Во Протоколот за основните и средните училишта се предвидува наставата да се одвива со почитување на мерките за заштита, односно, носење маска, држење дистанца и хигиена на раце.

Вчера во Владата се одржаа одделни средби на претставници на родители кои се за онлајн настава и претставници на родители кои се залагаат за физичко присуство.

На средбите претставниците на двете групи родители имаа прилика да ги соопштат своите ставови и аргументи, како и да бидат детално запознаени со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на Ковид-19, која е донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести, информираат од Владата.

Од Владата потенцираат дека овој комбиниран модел, бил истакнат на средбата, и е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците и истовремено обезбедува спроведување на наставно-образовните програми.

Владата вчера одлучи да има задолжителен ПЦР-тест за патниците од Косово, кои поминуваат низ земјава.

Сите патници, државјани на Косово кои поминуваат низ нашата држава, треба задолжително да приложат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, одлучија од Владата.

Освен тоа, Владата вчера одлучи да остане забраната за организирање свадби, матурски и други свечености во угостителските објекти, со цел да се спречи ширењето на Ковид-19.