Се намалува акцизата за горива, продолжува мерката за намалено ДДВ (ВИДЕО)
Владата и овозможи на РКЕ да ги намали акцизите за дизелот за 4 денари, а за бензинот за 2 денари по литар
Ја продолжуваме до крајот на кризната состојба мерката за намалување на ДДВ за горива од 18 на 10%. Истовремено, донесовме одлука со којашто преку оваа кризна состојба на РКЕ ѝ се овозможува да ги намали акцизите за дизелот за 4 денари, а за бензинот за 2 денари по литар, соопшти денеска по вонредната седница на Владата премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски истакна дека без намалување на ацизата литар дизел ќе беше околу 102 или над 102 денари, а безоловниот бензин од 95 и 98 октани ќе беше поскап за 1,5 до 2 денари.
Соопшти дека денеска имале преговори исо ОКТА и е договорено попустот да го продлжат до крајот на април – од 3 денари за дизелот по литар, а за безоловните бензини од 95 и 98 октани дополнителни 2 денари помалку за литар.
-Кога сето ова ќе се анализира, доаѓаме до цена која за дизелот ќе биде иста како и до сега, доколку се вкалкулира попустот од 4 денари за акцизата и 3 денари што го добиваме од ОКТА, така што ги амортизираме потенцијално 7 денари зголемување по литар, додека кај безоловните бензини од 95 и 98 октани, покрај 2 денари акциза по литар, ќе имаме 2 денари по литар намалување, односно ќе бидеме 2 денари во минус од цената што беше во изминатиот регулиран период, односно изминатата недела, изјави Мицкоски на прес-конференцијата.
Нагласи дека одлуката е донесена поради низвесноста како последица од тензии на Блискиот Исток и притисокот врз економијата. Како што рече, не може да бидеме изолирани од влијанието на глобалните процеси, но делуваме и не чекаме кризата да нè прегази.
– Потрошувачката достигнува два милиони литри на ден, на одредени бензински пумпи потрошувачката е тројно зголемена поради притисокот од граѓаните на соседните држави кои доаѓаат да полнат гориво поради пониските цени, вели премиерот.
Според Мицкоски нема потреба од други мерки, бидејќи во разговор со пазарот било утврдено дека има доволно горива и домашните потрошувачи нема да бидат загрозени.
На прашање дали се очекува зголемен притисок на нашите бензинските пумпи од странски државјани, тој одговори дека се очекува дополнителен притисок од Србија кога таму пред Велигден ќе заврши двонеделниот регулиран период, како и од тоа какви ќе бидат цените на безрите од вторник. Притоа посочи дека неколку аеродроми од соседни земји од Македонија добиваат керозин, како на пример аеродромот во Приштина кој целосно се снабдува со керозин од нашата земја.
Нагласи дека како држава до овој момент се справуваме онака како што очекуваат граѓаните од Владата и дека покажуваат проактивност наместо ретроактивност.
-Носиме мерки, ја следиме ситуацијата, предизвиците ги решаваме на дневна однова, а за големи предизвици ќе имаме одлуки и план и стратегија, истакна Мицкоски, нагласувајќи дека цената на горивата кај нас е најниска во регинот, па и во Европа.
Владата, според него, разгледува и неколку нови мерки што би ги презела за амортизирање на последиците од кризата доколку за тоа има потреба и тие ќе бидат димензионирани во согласност со глобалните случувања. Досега, рече, земјава е можеби единствена која, покрај намалување на акцизите, го намали и ДДВ-то за горивата.
– Во следна фаза разгледуваме неколку мерки, кои ќе бидат микротаргетирани, но тоа е веќе во следна фаза. Тие ќе бидат преземани во зависност од тоа како ќе се одвива кризата во Заливот и каква ќе биде состојбата во светот. Јас очекувам да заврши и во одреден период, потоа сè уште да се задржи кризата, па потоа постепено да се нормализираат работите – рече Мицкоски на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашење.
Според информациите и податоците што ги добива, рече дека таму состојбите се сериозни, а енергетската инфраструктура во државите од Заливот е исто така сериозно оштетена, а некаде и уништена.
– Само за март штетите за земјите од Заливот се проценуваат помеѓу педесет и седумдесет милијарди долари, и тоа директни штети. Индиректните се мултиплицирани со фактор два, три, па и повеќе, така што предизвици ќе има во периодот што следува. Ова е според Светската енергетска агенција можеби поголема криза по волумен од онаа од седмесеттите години, 1973 и и 1977/78 година, така што јас не очекувам дека ова бргу ќе се санира. И така треба да ја димензионираме нашата стратегија за понатаму. Затоа што, сепак, ние имаме и други обврски. Треба да вратиме две и пол милијарди евра стари обврски годинава. Почнавме да го враќаме солидарниот данок. Тоа се педесетина милиони евра. Треба да се исплатат плати, редовно треба да се исплатат пензии, режиски трошоци, сѐ друго треба тековно да си тече и настрана на тоа, сега имаме директни субвенции, кои доаѓаат од буџетот. Состојбата е таква каква што е. Реков нема откажување, ќе се бориме и ќе победиме на крајот – рече премиерот.
Според него, и замрзнувањето е сега можност на маржите и една од можните мерки. Да има замрзнување и одмрзнувањето да не се направи наеднаш, туку, како што рече, да има ефект на раздолжување. Разгледуваме многу мерки, а кои ќе бидат, рече Мицкоски, зависи од развојот на глобалните состојби.
Осврнувајќи се на мерките што веќе се преземаат, премиерот Мицкоски истакна дека за разлика од други држави, кои досега интервенирале само во делот на акцизите, земјата го намалила и ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, со што, како што потенцира, можеби сме единствениот случај со ваква директна и робусна акција со која сите граѓани и сите бизниси имаат бенефит.