Се најавува нов раст на минималната плата, бизнисот резервиран

Владата останува на идејата годинава уште еднаш да ја покачи минималната плата, откако веќе беше зголемена на 12 илјади денари пред година и половина. Детали за тоа колку би изнесувал порастот сè уште нема. Тоа треба да се знае по анализите и консултациите на министерствата за труд и за финансии со работодавачите и со текстилниот и кожарскиот кластер. Притоа, како што најавија од Владата, ќе се води сметка да не им се наштети на компаниите и да не се доведе во прашање нивната одржливост. Бизнисот смета дека во моментов со евентуално ново покачување поголемо од она што би се постигнало со усогласување, минималната плата ќе изнесува повеќе од 50 проценти од просечната плата во Републиката и оти таков висок износ на минимална плата во однос на просечната плата може да предизвика демотивираност за отворање нови работни места, а и намалување на постојните работни места. Според Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, има простор за зголемување на минималната плата, која во моментов изнесува 12.165 денари. Пресметките на Синдикатот покажуваат дека има потреба од зголемување на минималната плата најмалку за 12 проценти.

Можноста за покачување на минималната плата на почетокот на годината ја најавија од Владата, а како што информираа на прес-конференција, а во февруари годинава премиерот Зоран Заев рече дека идејата на Владата како левоориентирана е да има рамномерна распределба на продуктивноста и доходовноста меѓу капитал-факторот и работниците.

-Државата има намера со континуирано зголемување на минималната плата да постигне вкупен ефект на зголемување на платите во државата, преку отворање на спиралата на платите, ама со тоа да не им наштетиме на бизнисите, односно на нивната одржливост, вели Заев.

Најави дека како и при претходното зголемување, државата ќе обезбеди финансиска поддршка за компаниите делумно покривање на порастот на минималната плата, но и на останатите плати.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека зголемувањето на минималната плата е во рамките на Програмата за работа на Владата и оти тоа треба да обезбеди задоволување на основните животни потреби како и интерес на невработените лица кои се со ниски квалификации да прифаќаат работа со плата што е достоинствена.

-Сè почесто и невработените лица, а и работниците се незадоволни од висината на минималната плата и е причина што бараат начин за напуштање на земјата. Засега минималната плата ќе се усогласи согласно Законот за минимална плата, односно параметрите согласно кои треба да се усогласи ќе бидат познати во текот на март, а примената ќе започне со платата од април. Потоа би можело да се пристапи кон дијалог за нејзино зголемување, посочуваат оттаму.

Според МТСП, зголемувањето би можело да се реализира по претходен консултативен процес со работодавачите и синдикатите. Кога ќе се постигне согласност со нив би можело да се пристапи кон измени на Законот за минимална плата. Овој процес, според процените на Министерството, би можел да се случил во втората половина на годината.

Од МТСП потенцираат и дека се во постојани консултации од причини што по покачувањето на минималната плата од септември 2017 година државата обезбедила и финансиска помош за исплата на минималната плата и финансиска поддршка за раст на платите во повисок износ од минималната плата. И понатаму ќе разговараме со бизнис-секторот за видот на финансиската помош што може да им помогне на работодавачите за да можат да ја зголемат минималната, а и да се зголемат платите на останатите вработени.

Светска банка излезе со став дека уште едно зголемување на минималната плата ќе се одрази негативно во трудоинтензивните дејности. Таквиот процес, велат оттаму, треба да се одвива паралелно со зголемување на продуктивноста.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачите на Македонија, пак, смета, дека по претходното зголемување, а доколку се реализира новонајавеното, ќе нема голема разлика помеѓу ниските и повисоките плати, затоа што по првото зголемување повисоките не се зголемиле, што би довело до демотивираност на добрите работници, оти може да го загрози отворањето нови работни места или да влијае негативно на вработеноста.

-Тоа доведува до демотивираност на добрите работници, бидејќи ако работникот земал, да речеме, 12.000, а овој друг 10.000, сега ако земат и двајцата 12.000 добриот работник ќе нема мотивација да работи. Ќе рече зошто работам и јас ќе земам 12.000 без мака. Тоа е една работа. Втората работа е дека со евентуално ново покачување поголемо минималната плата ќе изнесува повеќе од 50 проценти од просечната плата во Републиката и тоа веќе не е добро. Таков висок износ на минималната плата во однос на просечната плата предизвикува демотивираност за отворање нови работни места, а може да доведе и до намалување на постојните работни места. На тоа укажуваат и разни анализи на експерти и Светска банка, кои велат дека поставувањето на минималната плата на високо ниво го загрозува отворањето нови работни места или влијае негативно на вработеноста, вели Димитров.

Тој додава дека Владата мора да биде многу внимателна околу идното покачување на платата. Минималната плата, вели, според неговите сознанија годинава би се покачила над 13.000 денари и оти Владата во програмата има планирано до крајот на мандатот минималната плата да ја качи на 16.000 денари.

-Сите бројки покажуваат дека тоа е невозможна мисија. Воопшто не се занесуваме дека Македонија може со оваа структура на стопанството, со ваква индустрија што ја има да достигне 16.000 денари минимална плата до 2020 – 2021 година, посочува Димитров.

Во врска со најавите дека Владата ќе овозможи и одредена поддршка за зголемување на минималната плата, а потоа и за зголемување на останатите плати, Димитров посочува дека тие средства не биле доволно искористени. Вели дека доколку Владата се одлучи на ново покажување на платата треба да се укинат ограничувањата за добивање на поддршката.

-Најпрво Владата кога ја покачи на 12.000 денари имаше финансиска поддршка за платите што биле претходно пониски од 12.000 денари, што биле 10.000 – 10.500 итн., таа финансиска поддршка заврши лани во јуни и, за жал, многу малку се реализираше. Значи, беа планирани шест милиони евра, па ги намалија на пет и нешто, а во 2018 беа реализирани само 175.000 евра. Потоа Владата даде една нова поддршка за стимулирање на платите, што стартуваше од август лани и таа требаше да ги стимулира повисоките плати над 12.000 или до 18.000 денари, а овозможуваше поддршка до 1.200 денари по човек или 30 отсто од порастот на бруто-платата. Но од лани од септември до февруари ниту денар не е исплатен, потенцира Димитров.

Од Организацијата на работодавачите реагирале до МТСП и дури потоа биле исплатени првите средства за август, а потоа многу брзо и за септември и октомври.

Според него, тоа укажува на тоа дека има работодавачи кои од страв дека ќе имаат контроли или, пак, од страв дека нема да може да ги задржат тие работници подолго, со оглед на тоа што за добивање на поддршката треба компанијата да се обврзе дека ќе ги задржи на работа една година, што, како што вели, е спорно, бидејќи условите на стопанисување се толку ризични и проблематични што никој не може тоа да го гарантира.

-Мислам дека таквото ограничување на поддршката нема логика затоа што државата поддршката ја дава за платата што сега му ја исплаќате на работникот, а не за тоа што ќе го исплаќате по една година. Така што, ако Владата се одлучи да ја покачи платата повеќе од она што беше усогласувањето, тогаш мора да ја коригира таа финансиска поддршка, да биде поефективна, за да може компаниите да аплицираат за да ја добијат, и да се укинат сите ограничувања за таа да се добие.

За разлика од работодавачите, од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека има простор да се зголеми минималната плата, која во моментов изнесува 12.165 денари. Пресметките на Синдикатот покажуваат дека има потреба од зголемување на минималната плата најмалку за 12 проценти.

– ССМ укажува дека во услови кога синдикалната минимална кошница за јануари 2019 година изнесува 32.761,00 денар, а само трошоците за храна изнесуваат 13.621,33 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата, која согласно европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 проценти од просечната плата во државата, велат од ССМ. Оттаму додаваат дека согласно Законот, во март треба да се направи усогласување на минималната плата по утврдените критериуми, кое министерот за труд и социјална политика ќе го објави во Службен весник по претходно мислење на Економско–социјалниот совет.

Од ССМ најавуваат дека се подготвени за отпочнување социјален дијалог во врска со ова предложено зголемување на минималната плата, која ќе биде основа за зголемување на платите на сите вработени. Законот за минимална плата беше донесен по иницијатива од Сојузот на синдикатите на Македонија.