Се модернизира булеварот „Македонско – косовска бригада“


Градот Скопје ги привршува подготвителните активности пред почетокот на изградбата на новиот булевар „Македонско-косовска бригада“, значаен инфраструктурен проект со кој ќе се унапреди сообраќајната поврзаност, безбедноста и урбаната функционалност во овој дел од градот.

Денес, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, изврши увид во завршните подготвителни активности пред почетокот на градежните работи.

Во првата фаза од проектот, булеварот „Македонско-косовска бригада“ ќе се гради на потегот од крстосницата со улицата „Џон Кенеди“ до булеварот „Босна и Херцеговина“.

Новиот булевар ќе претставува современо и функционално сообраќајно решение, кое ќе опфати: четири сообраќајни ленти, по две во секоја насока; средишно зелено појасно; велосипедски патеки во двата правци; нови и уредени тротоари; нова атмосферска канализација; современо улично осветлување; заштитно зеленило од двете страни на булеварот; посебни проширувања кај автобуските стојалишта.

Со реализацијата на проектот ќе се создадат услови за побезбедно, поефикасно и непречено одвивање на сообраќајот, како и подобра мобилност за сите учесници во сообраќајот – возачи, пешаци, велосипедисти и корисници на јавниот превоз.

„Изградбата на новиот булевар ‘Македонско-косовска бригада’ е уште еден чекор кон создавање модерна, безбедна и функционална инфраструктура за скопјани. Нашата цел е Скопје да се развива плански, рамномерно и со јасна стратегија, со инвестиции што носат конкретни придобивки за граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје посочија дека со изградбата на булеварот ќе се трансформира постојниот простор во нов, современ и организиран урбан коридор, со подобрена сообраќајна инфраструктура, повеќе услови за одржлива мобилност и поголема безбедност.