Се множат казните за непочитување на препораките за самоизолација


Судот од  Кавадарци казни седум лица со по две илјади евра заради непочитување на мерките за спречување на коронавирус. На сите седум лица им е изречена  парична казна – глоба во висина од 50 дневни глоби по 40 евра за еден ден глоба, или вкупно 2.000 евра.

Во Пресудата е наведено дека ако обвинетиот не ја плати паричната казна во определениот рок или ако паричната казна не може  да се изврши ниту присилно, судот ќе ја изврши паричната казна така што за секој ден глоба, ќе му определи по еден ден затвор.

Исто така Кумановец, кој требало да биде во самоизолација, бидејќи на 15 март се вратил од Италија, полицијата не го пронашла во неговиот дом. Основното јавно обвинителство – Куманово поднело предлог за издавање казнен налог за кривично дело  „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Основното јавно обвинителство Куманово со предлогот за издавање казнен налог на Основниот суд Куманово му предложил на обвинетиот да му изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.