Се менуваат имињата на улиците во Белград – се расчистува со југословенското наследство, но „Кумановска“ останува


На предлог на заменик-градоначалникот на Белград, главниот град на Србија, Горан Весиќ, ќе се менуваат имињата на повеќе улици во градот, кои се именувани според некој град во поранешните југословенски републики.
Исто така, Благоје Јововиќ, човекот кој пукал во Анте Павелиќ, според Весиќ, најголемиот злосторник на српскиот народ, ќе добие улица во Белград.
За него е резервирана улицата „Загорска“, а на спомен-плочата треба да пишува дека на 10 април 1957 година во Аргентина, Јововиќ „извршил човечка правда пукајќи во најголемиот злотвор на српскиот народ, Анте Павелиќ“.
Но, како што пренесуваат „Вечерње новости“, ќе се сменат имињата и на улиците „Поречка“, „Хрватска, „Сплитска“, „Подравска“, „Бјеловарска“ и „Шибеничка“. Смена ги чека и улиците „Љубљанска“, „Бледска“, „Босанска“, „Мариборска“, „Цељска„, „Мурска“, „Зеничка“ и други.
Но, нема да се смени името на улицата „Кумановска“ затоа што според него, Кумановската битка сведочи и за српски херојски подвизи.
„Градот Белград во својата историја бил главен град на држави кои опфаќале различни територии и народи. Со имињата на улиците или спомениците во главниот град  се претставуваа цела држава.  Затоа денес во Белград, многу улици носат имиња по географски поими од републиките на поранешна Југославија“, вели Васиќ.
„Не е нормално ние во Белград да имаме „Хрватска“, „Загорска“, „Загрепска“ улица. Исто така, не е нормално некои улици да се викаат по градови кои немаат „Белградска улица“, вели тој.
Објасни дека во Виена има „Белградски плоштад’, а Брисел има „Белградска улица“,  додека во Белград нема улици по овие градови, па така ќе се менуваат имињата на сите улици именувани според оние кои немаат врска со Србија.