Се јави сопственикот на дивоградбата кај „Мавровка“


Фото: Б. Грданоски

Сопственикот на објектот – дивоградба кај „Мавровка“, која денеска се урива по интервенција на Владата, вели дека објектот е легален, а на оној кој го сака му порача да дојде и тој ќе му го подари.

Мевљудин Алити се пожали дека денеска закажал прес-конференција за новинарите во 11.30 часот, а Владата почнала да го урива објекот пред тоа.

„Нека руши државата како што е научена да руши. Ми ги остави вработените без плата, семејството без леб“, додава Алити.

Во однос на дозволата за градење, тој и неговиот адвокат се повикуваат на член 76 од Законот за градба, каде се вели дека за обнова на објект нема потреба од дозвола за градба.

Велат дека не е точно дека немаат имотен лист, туку дека во Катастар е впишан објект од 330 метри квадратни и дополнителни 86 квадрати. За оваа парцела тој има елаборат и објектот е легализиран како деловен објект, статус што го имало кафулето пред да биде запалено пролетва и да изгори до темел.

Тврди дека само за комуналии на општината ѝ има исплатено 4,7 милиони денари.

„Од нас е поднесено барање до Општина Чаир за обнова на објектот, на кое не добивме одговор. Денеска гледаме дека објектот се урива. Никој не може да не условува дали ќе градиме со бетон или друг материјал, се додека не излегуваме од дозволеното место за градба и ако не ја нарушуваме стабилноста на земјиштето“, вели адвокатот.

Исто така, тврди дека тој не го пресекол дрвото кое беше пред објектот. Покажа и фотографии, односно планови од тоа како треба да изгледа новиот објект што се гради.

Сопственикот вели дека на суд ќе ја бара правдата, а ако треба ќе се жали и во Стразбур.

Случајот со обновата на изгореното кафуле „Фонтана“ пред трговскиот „Мавровка“ со месеци ја бранува јавноста. Најпрво по пожарот кој избувна и до темел го срамни објектот во време на карантин и забрана за движење, поради корона вирусот. Потоа кога почна да се обновува објектот, Општината Чаир го сопре градењето, затоа што изгледаше дека таму ќе никне огромен деловен центар. На двата тендери што Општината ги распиша не се јави никој да го урне објектот, па Владата на својата прва седница вчера донесе одлука тоа да го направи Јавото претпријатие за патишта.

„По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката“, информираа од Владата по вчерашната седница.

Денеска во 10 часот утрово механизација пристигна пред објектот и екипите почнаа со уривање.