Се јави Софија: Во кампањата имаше омраза кон граѓаните со бугарски идентитет


Бугарското Министерство за надворешни работи

Во кампањата пред вториот круг на локалните избори, според официјална Софија, се создала непријатна атмосфера за луѓето со бугарска самосвест

 

Еден ден по завршувањето на локалните избори се јави бугарското Mинистерство за надворешни работи со официјално соопштение во кое индиректно потврдува, без да споменува, дека новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, има бугарско државјанство и бара во Македонија да престане „атмосферата на непријателство кон граѓаните со бугарски идентитет“.

Официјална Софија вели дека политичката кампања од минатата недела била „поврзана со намерна злоупотреба на темата бугарско државјанство во изборниот процес во Република Северна Македонија“.

Во соопштението се наведува:

„Бугарската страна се воздржа од итна реакција, бидејќи не сакаше да се вклучи во предизборната полемика во Република Северна Македонија. Оваа конзистентна позиција на немешање во политичките процеси во нашата соседна земја не значи дека ја прифаќаме континуираната дискриминација и говорот на омраза кон граѓаните на Република Северна Македонија, кои на некој начин се поврзани со Република Бугарија и бугарски народ.

Настаните од изминатата недела и агресивната реторика во изборната кампања за градоначалник на Скопје се уште еден илустративен пример за наметнатата атмосфера на нетрпеливост и непријателство кон граѓаните со бугарски идентитет и кон Република Бугарија.

Апсолутно е неприфатливо да се користи говорот на омраза како инструмент на внатрешно-политичко спротивставување. Ваквото однесување и методи стимулираат дискриминација и нетолеранција. Тие се директно негирање на темелните европски вредности и спротивни на сите демократски норми. Тие придонесуваат за создавање неповолна средина за граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за секој кој сака да развие пријателски односи со Република Бугарија“, се вели во соопштението.

Во него уште се наведува дека „неуспехот на оваа антибугарска кампања на последните избори покажува дека не наидува на поддршка од граѓаните на Република Северна Македонија“ и Софија очекува „претставниците на сите политички партии во иднина да се воздржат од користење на тнр. бугарска карта во контекст на политичко и социјално спротивставување“.

Понатаму, бугарското МНР потстетува на Договорот за пријателство во кој стои да се спречат постапките на омраза. И заклучува: „Република Бугарија ќе посвети посебно внимание на сите процеси поврзани со создавање на неопходни услови за слободна самоидентификација и почитување на правата на граѓаните со бугарски идентитет во Република Северна Македонија и ќе продолжи да ги прави сите потребни напори за нивна заштита во согласност со меѓународното право“.