Се изведува лифт на „Алхамбра“ во Битола, конзерваторот вели сѐ е по пропис

„Алхамбра“ е еден од најубавите објекти на Широк сокак во Битола со историска вредност и е културно наслество од втора категорија


Се доградува куќичка за лиф на покривот на ерхитектонскиот бисер „Алхамбра“ (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Се реконструира и рехабилитира еден од највпечатливите архитектонски бисери на Широк Сокак во Битола, објактот познат како „Алхамбра“, а со обновата се изведува и внатрешен лифт.

Познатата „Алхамбра“ е објект со режим на заштита од втора категорија.

Објектот е во фаза на градежни активности, сега во моментов се прави адаптација и реконструкција на внатрешноста, а она на што реагираат битолчани е бетонскиот дел што се гледа на самиот покрив на објектот, што всушност претставува лифтовска куќичка.

„Алхамбра“ е еден од најубавите објекти на Широк сокак во Битола со историска вредност што дава посебен печат на Плоштадот „Магнолија“.

„Подолго време објектот се реновира, но она што загрижува се тие бетонски  ѕидови што се издигаат над самиот покрив. Некои велат дека се прави внатрешен лифт, други потпокрив, но прашањето е дали ваков објект заштитен со закон може да го менува ликот, дали внатре треба да ја зачува автентичноста или да се модернизира? Добро е објектот да се обнови, да се зачува, но што правиме ако се унакази? Дали тоа што се доградува ќе ја нагрди амбиенталноста на улицата?“, стои во реакцијата на граѓани од Битола до „Независен“.

„Алхамбра“ е изградена во 19. век (Фото: А. Блажевска)

Денеска беше забележително дека градежни работници работат на покривот и во внатрешноста на објектот, а дел од градежниот шут е оставен на плочките на Широк сокак покрај објектот. 

На самиот објект има поставено табла на која пишува дека инвеститор е Снежа Стојаноска, проектант е фирмата „ФОРМИ“ Дооел Битола, надзорен објект „СТОЛБ“ Дооел Битола, а конзерваторски надзор НУ Завод и Музеј Битола.

Изведувач на градежните работи е фирмата „Стентон градба“ од Долно Оризари.

Зоран Алтипармаков, советник – конзерватор во НУ Завод и Музеј Битола кој е конзерваторски надзор на изведбата денеска за „Независен“ изјави дека до овој момент реконструкцијата и ревитализацијата на објектот е според планот и одобрената проектна документација.

„’Алхамбра’ е значајно културно наследство од втора категорија. До овој момент работите се изведуваат согласно одобрението на проектот издадено во 2021 година. Внатрешното лифтовско јадро е дозволено. Претходно немало лифт, но сега со проектот е дозволено внатрешниот лифт да се изведе во рамките на  реконструкција и ревитализација на објектот. Изведбата е по режим што важи за заштитено јадро“, изјави за „Независен“ Алтипармаков.

Решението за реконструкција на објектот е издадено уште во 2021 година, а конзерваторското одобрение е издадено во јануари 2021 година.

„Алхамбра“ е архитектонски бисер од 19-ти век, со фасада која го рефлектира духот на неокласицизмот – стил во кој често се среќаваат симетрија, високи прозорци и орнаменти што ја нагласуваат естетската вредност на градските куќи од таа епоха. Токму овој објект се издвојува од останатите објекти на Широк сокак по својот карактеристичен ориентален стил, кој е редок во овој дел од градот и привлечен за филмската и музичката уметност.

Инаку битолски Широк сокак, старее и се руинира во делот на градбите иако е ставен под заштита на државата како културно наследство. Заедно со велелепните градби на Широк Сокак пропаѓаат и неколку десетици други објекти кои се во централното градско јадро, старите конзулати, објекти покрај реката Драгор, а да не зборуваме за голем број разурнати и оштетени дуќани во Старата битолската чаршија.

Во бројки кажано, 136 објекти во Битола се ставени под заштита на државата, а нивната состојба од ден на ден е сѐ полоша. За нив сѐ помалку се грижат и приватните сопственици. Ретки се случаите кога приватници ги реновираат објектите, но таа обнова треба да се прави исклучиво според законите.