Сè измислувале работни места за да се удомат роднини на функционери


Без соодветен записник за бодирањето и рангирањето, без интервјуа, но со креирани нови работни места пред распишување на огласите… Така течел процесот на непотизам во државните и јавни институции.

Антикорупциска утврдила дека постои непотизам во девет случаи од првите 18 за кои отвори предмети. Меѓу нив, сомнежи за директно влијание има во случаите со вработувањето на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши во АД МЕПСО, за што против него ќе биде покрената прекршочна постапка, како и за градоначалникот на Прилеп од редовите на СДСМ, Илија Јовановски, за вработувањето во Општината на неговата внука од сестра Цвета Станојоска, за што ќе биде иницирана постапка пред надлежните органи кои треба да утврдат дали имало и злоупотреба на службената должност.

По бројот на сомнителни вработувања на свои роднини води пратеникот и генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски. Вработувањето на неговиот дедо, односно татко на сопругата Борче Поповски во ЕЛЕМ „Новаци“, на неговата сестра Мирјана Јосифовска во Централен регистар, како и на мајката на сопругата Мери Поповска во Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ во Битола, за Антикорупциската комисија се со индиции за непотизам.

„Мајката на сопругата на Кирацовски добива работна позиција која не била предвидена со правилникот за систематизацијата и со годишниот план за вработување во Државниот ученички дом ‘Мирка Гинова’ во Битола. Со измените на правилникот било додадено ново работно место технички секретар – самостоен референт“, рече на вчерашната седница членот на Антикорупциска, Горан Трпеновски.

Измени во правилникот има и во случајот со градоначалникот на Прилеп. Најпрвин било предвидено кандидатите да имаат завршено правни или економски науки, за подоцна правните науки да бидат заменети со науки за јазикот, односно наука за книжевност. Постојат сомнежи дека тоа било направено со цел работното место да го добие внуката од сестра на градоначалникот.

Сомнежи за влијание при вработувањето има и за мајката на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, која беше вработена во Централен регистар во Струмица, а под притисок од јавноста подоцна се повлече, како и за синот на пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска, во ЕЛЕМ (но не и за вработувањето на нејзиниот брат во истото претпријатие и унапредувањето на нејзиниот сопруг во Шумската полиција во Берово).

Постои основ, како што беше речено на седницата на Антикорупциска, за одговорност на генералниот директор на ЕЛЕМ во случајот со вработувањето на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, Хидоете Алили. Освен што немало записник од бодирањето и соодветното рангирање, утврдено е дека било креирано ново работно место пред распишување на огласот за вработување. Од Антикорупциска се бара ЕЛЕМ да ја извести Владата, а надзорниот одбор да ја преиспита постапката на вработување.

Неговиот колега од ресорот финансии, Крешник Бектеши, пак, заработи прекршочна. Причината за тоа, како што рече членот на Антикорупциска Владимир Георгиев, е тоа што во апликацијата што ја приложила неговата сестра Влора стоела истата адреса на која живее Бектеши.

„Секој функционер има службена должност да нè извести за вработувањето на член од семејството во јавниот сектор“, рече Георгиев.

Директорот на МЕПСО имал дискрециско право да избира кого ќе вработи од петте кандидати кои влегле во најтесниот избор, при што за 23 работни места се пријавиле 896 лица, а за местото за кое конкурирала Влора 73 кандидати.

„Не се знае точно како токму сестрата на министерот била избрана меѓу петте селектирани кандидати, бидејќи не постои записник од бодирањето. Владата треба да се извести за овој случај, а надзорниот одбор на МЕПСО треба да изврши увид во работата на овој случај“, рече Георгиев, според кого Министерството за економија е надлежно за политиките на енергетиката со што министерот можел да има влијание во однос на вработувањето на својата сестра.

На седницата беше нагласено дека и самите законски решенија кои се во сила може да генерираат непотизам, фаворизам и клиентелизам при вработувањата со оглед на високото дискрециско право кое го имаат лицата на највисоките раководни места во претпријатијата.

Антикорупционерите објавија дека нема нерегуларности при вработувањата на ќерката на претседателот на собранието Талат Џафери, Бесијана, во ЕЛЕМ и кај вработувањето на синот на пратеникот Горан Мисовски, Кристијан, во Агенцијата за супервизија, како и за Надица Делкова, сопруга на градоначалникот на Неготино за вработување во ОУ „Гоце Делчев“ во Долно Дисан.

 

Прекршочни пријави за Иванов за унапредувањата во Армијата

 

Антикорупциска одлучи да поведе две прекршочни постапки против претседателот на државата Ѓорге Иванов за донесените укази за унапредување и поставување старешини во Армијата за време на изборниот период, што претставува непочитување на забраните утврдени со Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Претседателот Иванов, како што беше речено на јавната седница на Антикорупциската комисија, со указ го унапредил во чин генерал-потполковник од генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, актуелен началник на Генералштабот. При унапредување на овој старешина во повисок чин не е постапено согласно одредбите од Законот за служба во Армијата, каде што стои дека началникот на Армијата односно Министерството за одбрана спроведува постапка за унапредување и дава предлог до претседателот. Комисијата се обратила до Министерството за одбрана и оттаму им било одговорено дека Иванов не побарал и не добил согласност од нив за унапредувањето на Ѓурчиновски. Со донесување и извршување на указот, сметаат од ДКСК, на Ѓурчиновски ќе му се исплатува зголемена плата, дејствие што е забрането во изборен период.

Втората прекршочна пријава се однесува на указите од претседателот Иванов со кои се поставува бригадниот генерал Орце Јордев за заменик-командант на Здружената оперативна команда и полковник Драган Ковачки за командант на Првата механизирана пешадиска бригада, како и полковник Бесник Емини за началник на Штаб на ЗОК, донесени исто така по денот на распишување на изборите.(Н.К.)