Се избира надзор за автопатската делница Кичево-Букојчани


Фото: Б. Грданоски

 

Објавен е тендер за надзор за првата фаза од автопатот Кичево – Букојчани на Коридор 8, проект што го реализира Јавното претпријатие за државни патишта со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Рокот за заинтересираните фирми е до 28 месецов. Тендерот се спроведува според правилата на ЕБОР и е објавен на нејзината ECEPP платформа, како и на веб страницата на ЈПДП.

Од ЈПДП велат дека проектирањето е во завршна фаза и моментно не се знае точната вредност на целиот проект.

Како што изјавија за МИА од ЈПДП, во тек е избор на проектант за допроектирање на четири километри од трасата, откако жителите на село Строгомиште побараа таа да се дислоцира од селото.

Делницата на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево е проектирана пред повеќе од 50 години и е изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои има и трета лента за бавни возила. Поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно – динамички услови, се планира изградба на делницата на ниво на современо автопатско решение.

Според претходните најави на надлежните институции, за изградба на подделницата од Букојчани до Кичево во должина од околу 10,2 километри вкупните проектирани трошоци се 132,7 милиони евра, од кои 110 милиони евра се обезбедени со заем од ЕБОР, а 19,8 милиони евра се инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

На ниво на автопатско решение ќе биде и трасата Гостивар-Букојчани, во должина од 30,1 километар, која е дел од пакетот четири автопатски делници што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

На 2 февруари годинава во Владата беше потпишан договор со ИРД инженеринг за надзор на изградбата на овие делници, по што стартуваа преговорите со Бехтел и Енка околу стартот, динамиката и останатите активности за проектот, но се уште нема конкретен исход.

Во тек се активности за изградба на првите два километра од автопатот Скопје-Блаце и треба да се објави тендер за вториот дел, а од февруари 2014 година се гради автопатот Кичево-Охрид којшто според последните најави треба да биде завршен до крај на годинава.