Се истражува мистериозната смрт на турска милионерка која паднала од крузер кај Тахити


Турција– Богатата претставничка на империјата за накит „Тифани“ во Турција Дилек Ертек (71) паднала од брод за крстарење и починала. Трагедијата се случила во морето кај брегот на Тахити.

Турскиот весник „Сабах“ објави дека нејзиното семејство повикало полиција за да ја истражи улогата на нејзиниот партнер, швајцарски државјанин, кој бил на крстарењето со неа.

Нејзиниот син Гокче Атук изјавил дека од сефот во кабината на неговата мајка исчезнал и вреден накит.

Прегледот на надзорните камери утврдил дека Ертек паднала во морето околу три часот наутро, а нејзиниот љубовник ја пријавил како исчезната 20 часа подоцна.

Како што пишуваат турските медиуми, нејасно е како жена која е висока само 157 сантиметри и која никогаш не пиела алкохол, паднала преку оградата од својата кабина висока повеќе од еден метар.

Според објавите во турските медиуми, Дилек била родена во Истанбул, но последните години најчесто била во Менхетен, каде имала изложбен салон за нејзиниот накит. Првата продавница за накит ја отворила во Истанбул во 1995 година, и важела за една од најуспешните жени во Турција. Во 1982 година се омажила со бизнисменот Хусеин Јалчинкај, со кого го добиле синот Гокче Атука.

Се разделила со сопругот во 2004 година, а нивниот син денес бил на позицијата генерален директор на „Тифани“. Настанот со нејзиното исчезнување од бродот се уште е мистерија. Нејзиниот љубовник од Швајцарија, чиј идентитет не се открива во јавност, бил распрашан, но поради недостиг на докази бил ослободен.

Причината поради која двојката тргнала на крстарење бил роденденот на Дилек, кој сакала да го прослави на Бора Бора на 5-ти ноември, а крстарењето требало да заврши на Хаваите.