Се испитува евентуална злоупотреба на личните податоци на децата од „Битолски Монмартр“ кои беа кај Радев
БИТОЛА – Во предметот на истражните органи од Битола за носењето на деца од „Битолски Монмартр“ кај бугарскиот претседател Румен Радев се испитува евентуална злоупотреба на личните податоци на децата, велат од обвинителството. Младите уметници од Битола беа фотографирани со бугарскиот политичар Радев и објавени на неговата официјална Фејсбук страница.
Во официјалната изјава што „Независен“ ја доби од ОЈО на Битола стои дека – „Надлежен јавен обвинител прибави дел од документацијата во рамките на предистражната постапка, вклучувајќи и записници од досега извршените разговори во полиција. Обвинителството продолжува со проверки за во целост да ги испита наводите за евентуална злоупотреба на лични податоци.“
Родители од Битола чии деца беа на средбата со бугарскиот претседател, за „Независен“, потврдуваат дека дале изјави пред истражните органи во Битола за патувањето на децата во Бугарија и средбата со Радев. Како и околу тоа на што се однесувала изјавата потпишана на нотар пред патувањето, дали биле запознаени за активностите на нивните деца во Бугарија, агендата и сл.
„Целата ситуација е непријатна, но соработувавме со истрагата, очекуваме разврска“, велат родители со кои разговаравме, а инсистираа да останат анонимни.
Час поскоро епилог на ситуација очекува и раководството на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола, иако од таму не потврдуваат дали биле повикани на разговор од истрагата.
„Сите заедно, и ние, и родителите, и децата очекуваме што поскоро епилог од овој случај. Овој предмет обременува, тежи на главата кога знаеш дека е постапка. Но, прашувам зошто секогаш се отвара ова прашање кога висок бугарски политичар е во посета на нашата земја, а сега во посета е претседателот на Народното собрание на Бугарија?“, изјави Славчо Неделковски, претседател на УО на „Битолски Монмартр“ за „Независен“.
Уште во август годинава, ОЈО Битола, предметот за носењето на деца кај претседателот Радев го распредели кај надлежен јавен обвинител и им даде насоки на истражителите од битолската полиција да прибават информации.
„Врз основа на писмен акт од ОЈО Битола, од страна на полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола, извршен е службен разговор со С.Н.(44) од Битола во својство на претседател на УО на ДЛС ‘Свети Кирил и Методиј’ и Е.Х.А. (47) од Битола во својство на претседател на ДЛС ‘Свети Кирил и Методиј’, во присуство на адвокат, како и со родителите на децата – учесници, за што се изготвени службени белешки кои се доставени до ОЈО Битола во прилог на писмено известување. Во прилог на известувањето до ОЈО Битола е доставена и комплетна документација доброволно приложена од С.Н. како доказ за организацијата“, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
На почетокот на јули годинава, 15 деца од Битола беа во Софија, Бугарија на покана на Фондацијата „Бугарска меморија“ на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски како дел од второто издание на „Мал Монмартр во Софија“. Тогаш тие беа примени во канцеларијата на претседателот Румен Радев кој како што пренесоа бугарските медиуми им зборувал за „милениумска заедничка историја и култура“ меѓу двете држави.
Младите уметници во странство патуваа со потпишани и заверени изјави на родителите на нотар како дозвола за преминување на македонско-бугарската граница. Во тие изјави (чија содржана претходно ја објави „Независен“) не стои дека децата може да се сликаат, да се снимаат и да се прикажуваат јавно во присуство на странски политичари.
За предметот со децата од „Битолски Монмартр“ остра реакција имаше и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ која излезе со став дека децата членови на „Битолски Монмартр“ се искористени „како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“. (А.Б.)