Се гледа крајот за „шамарите во Центар“: Фетаи побара затвор за Груевски и Јанакиески, но ја ослободи од вина Рангелова

Четири години откако поранешното Специјално обвинителство го покрена својот прв предмет – случајот за насилствата во Општина Центар процесот доаѓа до крајот со барањето на обвинителката Фатиме Фетаи за најстроги казни за првообвинетите Никола Груевски и Миле Јанакиески.

Обвинителството денеска ги даваше завршните зборови, во кои Фетаи се откажа од обвинението за Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски, а за Игор Бошковски побара условна казна.

„Два пати започнувавме од почеток. Сметам дека тоа што судот го изведе како доказ е повеќе од потребно. Присуствувавме на една фер постапка. Целата јавност ги виде насилничките дивеења во Општина Центар. Процесот на времето во СЈО започна по снимен телефонски разговор меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски“, рече во завршните зборови Фетаи.

Тој разговор е еден од оние што останаа најмногу во сеќавањата од „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата, кога Груевски му вели на Јанакиески тогашниот градоначалник на општината, Андреј Жерновски, да добие „неколку шамари“, а Јанакиески додава дека треба да се „направи сценарио“.

Според Фетаи одбраната, обидувајќи се да докаже дека Груевски и Јанакиески не биле виновни, тврдела дека извршителите само покажувале колкави верници биле. Фетаи мисли дека адвокатите на некој начин го промашиле пристапот, но тоа веројатно произлегува од фактот дека истите адвокати ги застапуваа и другите обвинети. Според Фетаи неказнивоста за настанот од летото 2013 година на одреден начин го отворила патот и за крвавиот упад во Собранието на 27 април 2017. Груевски и Јанакиески се обвинети и во овој случај.

 

Напнатите настани во Општина Центар

Судијата Душко Јосифовски го одложи за 28 септември завршниот збор на одбраната на Миле Јанакиески на барање на адвокатите. Адвокатот Еленко Миланов рече дека она што денеска го образложила обвинителката Фетаи е целосно нов обвинителен акт, па затоа прво мора да го видат и врз основа на тоа да ја подготват одбраната. Одбраната, исто така, смета дека во суштината на обвинителниот акт е само сведочењето на Томислав Лазаров, кој тогаш беше координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и кој ја призна вината во овој случај.

Протестите во 2013 година кои беа насилнички, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се поради наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје, а причината, всушност, лежела на друга страна – да се спречи седницата на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. (Н.В.)