Се гласа од 7 до 19 часот


Фото: Б. Грданоски

 Гласањето на претседателските избори започнува во 7:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, ИО ги доставува до ОИК во рок од 5 часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

По спроведените избори за претседател на Републиката, ОИК ги сумира резултатите од гласањето на листата на кандидати, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до ДИК веднаш, а најдоцна до 12 часа од завршување на гласањето.

ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

За претседател на Републиката, во првиот изборен круг е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.