Се формира локална Младинска банка во Кочани


Со објавување на јавниот повик за пријавување членови во Одборот на банката, Општина Кочани ја почна постапката за основање локална Младинска банка.

Во соработка со граѓанската организација „Младите можат“, а со поддршка од германската фондација Шулер Хелфен Лебен, младите од Кочани можат да се вклучат во реализацијата на проектот Младинска банка, преку кој во иднина ќе можат да обезбедат финансиска поддршка за своите активности.

– Се работи за програма чија цел е да создаде механизам за соработка помеѓу локалните власти и младите, а што ќе резултира со државно финансирање на младински проекти. Младинската банка е иновативен модел и програма за создавање грантови преку кои се овозможува финансирање на локални проекти од неформални групи млади, а со цел да се унапреди заедницата. Користејќи неповратни средства за проекти, младите ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи за поквалитетен живот во заедницата, а првиот чекор од започнувањето на програмата е формирање на Одбор на младинската банка, истакнаа од Општина Кочани.

Членувањето во Одборот на Mладинската банка е на доброволна основа и не е предвиден финансиски надомест. За да аплицираат за членство, младите од општина Кочани треба да пополнат електронска апликациска форма објавена на официјалната општинска веб-страница. Крајниот рок за доставување на податоците е до 7 април.