Се финализира Стратегијата за минерални суровини – До 1 мај рок за забелешки во транспарентен процес


Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги потсетува сите засегнати страни дека рокот за поднесување забелешки, предлози и коментари по Извештајот за стратегиска оцена на животната средина како и по Нацрт-Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2025 – 2045, трае до 1 мај 2025 година.

Во тек е широк и транспарентен консултативен процес, во кој Министерството се залага активно да се вклучени научната фела, граѓанските организации, институциите и индустријата. Целта е да се донесе долгорочен и одржлив стратешки документ кој ќе обезбеди балансиран пристап меѓу економскиот развој, заштитата на животната средина и јавниот интерес, велат од Министерството во соопштение до медиумите.

Стратегијата, изработена од МАНУ со ангажман на над 20 истакнати научници, има за цел да обезбеди долгорочен и одржлив развој на рударскиот сектор, балансирајќи ги економските придобивки со високите еколошки стандарди и јавниот интерес.

Процесот на изработка на Стратегијата е целосно транспарентен и инклузивен, со активно учество на академската заедница, граѓанскиот сектор, професионалните здруженија и бизнис-заедницата. На 3 април 2025 година, во амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, се одржа јавна расправа на која присуствуваа околу 50 учесници. Расправата отвори конструктивна дебата, со низа предлози и забелешки за унапредување на документот, особено во делот на заштитата на животната средина, усогласувањето со ЕУ-директивите и транспарентноста во доделувањето концесии, се вели во соопштението.

На расправата беше истакнато дека ова е прва стратешка рамка по речиси три децении без национална стратегија за минерални суровини. Воедно, во тек е и изработка на два нови законски текста – Законот за рударство и Законот за геолошки истражувања, за кои исто така ќе следуваат јавни консултации.

По барање на граѓански организации, рокот за поднесување забелешки по Нацрт-Стратегијата и Извештајот за стратегиска оцена на животната средина беше продолжен до 1 мај 2025 година, со цел да се излезе во пресрет на заинтересираните и да се овозможи навистина отворен и транспарентен процес.

Сите примени забелешки ќе бидат темелно разгледани и соодветно интегрирани во финалната верзија на Стратегијата, како и во идната регулатива.

Граѓаните, стручната јавност и организациите можат да ги испратат своите забелешки и по електронски пат, на е-поштата на Министерството, до 1 мај 2025 година, посочуваат од 
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.