Сѐ e неизвесно, но се чувствувам смирено: Ивана Гелева во самоизолација


Фото: Б. Грданоски

Од почетокот на пандемијата Ивана Гелева, една од најангажираните манекенки кај нас и ментор на млади манекени, ги следи упатствата на надлежните и седи дома.

Има сини очи како бистрото Охридско Езеро, златни долги коси како родната Пелагонија и става како пелистерска молика. Освен изгледот, престижните ангажмани за македонските компании и за промоција на македонскиот туризам во светот, се должат и на нејзината професионалност, комуникативност и силен карактер. Публиката пак од модните ревии во Скопје ја памети како манекенка која на модната писта гази боса или во балетанки, никогаш на високи потпетици. Од својата 14. година е во модниот свет кај нас, во Турција и во Италија, зад неа се безброј ревии, промоции, каталози, реклами, спотови…

За nezavisen.mk открива што најмногу ѝ недостасува, како што вели, во ова лудо време…

 *Дали седите дома и така го спречувате ширењето на заразата со коронавирус?

 -Како и секој совесен граѓанин секако дека седам дома, нема потреба во целата оваа ситуација од шетање, секако се откажаа доста ангажмани па немам потреба да излегувам за работа. За сето ова време излегов 2-3 пати само до маркет, не сум од оние што купија залихи за неколку месеци хахах па морам да излезам.

*Како ви поминуваат деновите во изолација?

-Деновиве во изолација заедно со партнерот навечер играме друштвени игри или гледаме филмови, а деновите ги користам да средам некои работи низ дома и секако гардероберот. Имам цела соба што ја користам за гардеробер па имам доста за средување. Искрено седењево дома  убаво ми дојде зашто инаку немам време воопшто за нешто вакво.

*Со кого редовно се слушате?

-Се слушам цело време со најблиските луѓе и роднините,  со сите со кои што ми поминува инаку секојдневието.

*Што најмногу ви недостасува сега?

-Сега најмногу ми недостасуваат прошетки и природа, периодов убаво беше времето па да не беше ваква ситуацијата сигурно секој слободен момент ќе го искористев да прошетам негде на чист воздух во природа. Ми недостасуваат и луѓето секако со кои што сум секојдневно во контакт.

 *Како се соочувате со короната? Исплашени сте, загрижеиа, или смирена?

-Нормално дека сум загрижена поради целава ситуација, доста работи се неизвесни и не знаеме кога ќе искочи светот од ова лудило, но се чувствувам смирено, со паника нема да се реши ништо.Се трудам да не читам вести од секакви портали, секакви глупости се пишуваат кај нас.

*Дали имате режим на исхрана против вирусот или здравата исхрана е дел од вашиот животен стил?

-Здравата исхрана секогаш била дел од мојот животен стил, иако обожавам и јадам доста чоколада и воопшто благо. Наутро пијам природни сокови или си правам смути, ручекот ми е секогаш обилен и здраво зготвен, конзумирам доста свеж зеленчук и сакам различни типови на кујна и зачини, а вечерата зависи за што сум расположена.

 *Што прво сакате да направите кога ќе се стабилизира ситуацијата?

-Искрено не сум размислила што прво би сакала да направам, само се надевам дека за многу брзо ќе се стабилизира ситуацијата и дека ќе можеме сите да се вратиме на нашите нормални животи и навики.

*Како јавна личност, која е вашата порака до јавноста?

-Мојата порака до јавноста е да се придржуваат до изречените мерки. Да останат дома, да не излегуваат ако немаат потреба и да помогнат на некој кој има потреба. Има доста постари лица на кои им треба помош за пазарење или околу прошетка на миленикот, доколку можете да помогнете некому, сторете го тоа.

А исто би сакала да посочам, дека има и многу улични животинки низ градов кои се хранеа од кафеаните и рестораните а сега се гладни, па доколку излегувате од било каква причина земете нешто за јадење со вас и оставете го било каде надвор.

*Кои планови ви се пореметија?

-Имав повеќе ангажмани во овој период, секако тука е и Модниот викенд-  Скопје што се одложи и новата група од курсот со нови модели на нашата агенција Подиум, само што започнавме со часови, моравме да престанеме. На приватен план ми се пореметија доста планови, али тоа е што е, ќе почекаме да заврши лудилово па тогаш ќе ги реализираме.

Л.Сабит