Се договараат кадрите за заменици-министри и собраниски комисии

Фото: Б. Грданоски

Партнерите од владејачката коалиција ги договараат кадрите кои ќе ги предложат за заменици-министри, а јавноста ги очекува и имињата на претседателите и замениците на 21 собраниска комисија, што треба да ги номинираат пратеничките групи од власта и опозицијата.

Премиерот Зоран Заев  верува оти до крајот на неделава ќе биде постигнат договор за  замениците-министри и првите луѓе на собраниските комисии, посочувајќи дека нема проблеми за изборот на кадрите кои ветува дека ќе бидат најквалитените.

-Верувам дека до крајот на неделава ќе ги завршиме сите консултации и разговори со потенцијалните кандидати за заменици-министри за да можам како мандатар, сега веќе како премиер, да ги доставам до Собранието за одлучување. Ова е процес во кој се водат разговори со партнерите, сакаме да го избереме најквалитетното од тоа што го имаме како понуда, изјави вчера Заев, изразувајќи истовремено жалење што доста квалитетни кадри не се  нафааќале  на функции поради тоа што имаат поголеми плати во приватниот сектор каде веќе работат.

Во Парламентот, како што рече Заев, нема проблеми околу формирање на собраниските комисии не повеќе отколку што имало секогаш при нивно формирање.

– Прво дебатата меѓу власта и опозицијата за распределба е јасна оти се знае колку места имаат едните, колку другите. Во моментов во владината коалиција гледаме како најодговорно да се постават кадрите од парламентот за максимални ефекти и ефикасност во работата, рече премиерот Заев.

Според координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, тие ги дале предлозите за комисиите и работните тела во Собранието пред неколку дена,  а одговор за застојот треба да даде владејачкото мнозинство.

Очекуваат да ги задржат комисите што ги раководеа во претходниот мандат, освен Комисијата за избори и именувања која поради изборните резултати ќе ја раководи СДСМ.

-Кој е проблемот и застојот и каде има проблем владејачкото мнозинство за договор помеѓу нив кој која комисија да ја води и на кој начин да функционираат ќе побарате одговор од нив. Очекувам да биде закажана комисијата за избори и именувања на која што се дава еден заеднички консензуален предлог за сите членови во сите работни тела. Врз основа на бројот на освоени мандати секоја политичка партија предлага и се знае колку точно членови има во секоја комисија. Очекувам дека ќе ги задржиме комисиите кои што ги раководевме во претходниот мандат, а освен комисијата за избори и именувања која што во зависност од бројките кои што беа постигнати на овие избори има мала измена и сега ја раководи СДСМ, изјави Мицевски.

Претседателот на БЕСА Билал Касами викендот изјави дека следната недела ќе се знае на која собраниска комисија претседател ќе биде пратеник од оваа партија на мнозинството.

Со партиите, вклучувајќи ја и опозицијата се уште се договараат во врска со тоа каде ќе имаат претседател на комисија.

-Не би сакал да кажам дека тоа е проблем но сигурно дека секоја од партиите сака да придонесе во комисии во кои најмногу ќе придонесе за граѓаните, рече Касами, додавајќи дека пратеничките групи во Собранието се уште разговараат за тоа кој ќе ги предводи комисиите.

По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули годинава, Собранието одржа конститутивна седница на 4 август, новата Влада беше избрана на 30 август и се очекува именување на замениците-министри и именувања на директориски позиции во органите на државната власт.